Властите во Мексико ги повикаа вчера своите граѓани кои живеат во САД да останат смирени и најави отворање на итна телефинска линија, реагирајќи на намерата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да ги депортира илегалните мигранти.
– Сонароднику, минуваме низ моменти на несигурност. Биди спокоен, не одговорај на провокации и не дозволувај да те измамат. Владата на претседателот Енрике Пења Нието и сите Мексиканци се со тебе, повика во видео порака, објавена на интернет, мексиканската министерка за надворешни работи Клаудија Руис Масиеу.
Мексиканските власти ќе отворат и деноноќна телефонска линија, на која ќе се одговараат прашања поврзани со миграциските мерки или за соопштување на инциденти и „било каква злоупотреба“.
Според официјалните податоци, во САД се наоѓаат 11 милиони мигранти без право на престој, од кои повеќето се Мексиканци. За време на предизборната кампања, Трамп изјави дека околу три милиони мигранти, кои имаат криминално досие, ќе бидат депортирани или затворени.