Мемети: Сè уште имаме нефункционални и исполитизирани институции

Сподели

Сè уште имаме исполитизирани и нефункционални институции, кои спроведуваат и партиски агенди, истакнал денеска народниот правобранител Иџет Мемети, на презентацијата на годишниот извештај за степенот на почитување, унапредување и заштита на човековите права и слободи во 2016 година, пренесува „Нова ТВ“.

Според Мемети, во сферата на почитувањето и на заштитата на човековите права, минатата година не е забележан никаков напредок, туку, напротив, имало стагнација и назадување.

Поради попречување во работата од страна на Министерствата за труд и социјална политика, за здравство, за внатрешни работи, за правда и од Управата за јавни приходи, Омбудсманот не успеал да спроведе целосни постапки за заштита на правата на граѓаните, посочил Мемети.

Тој истакнал дека затворениците и понатаму престојуваат во крајно нехумани услови и ускратено им е правото на здравствена заштита. Тој додаде дека е констатирана прекумерна употреба на сила од страна на затворската полиција, како и од редовната полиција при приведувањето на активисти од протестите на „Шарената револуција“.

Народниот правобранител минатата година постапувал по 4.718 случаи, од кои 3.775 биле иницирани по примени претставки, а 37 биле отворени по иницијатива на самиот Омбудсман.