Германскaта канцеларка Ангела Меркел, вчера во Берлин се сретна со новиот француски претседател Емануел Maкрон.
По средбата канцеларката Меркел повика на нова динамика во односите меѓу Берлин и Париз, истакнувајќи дека интересите на двете земји се тесно поврзани.
„Би била подготвена да преземам таков чекор, но прво треба да утврдиме што сакаме да реформираме. Од германска гледна точка, можно е измена на договорите на ЕУ. Изборот на новиот претседател на Франција е добра шанса побрзо да се постигне напредок и во цела Европа”, изјави Меркел.
„Многу е важно ЕУ и еврозоната да станат отпорни на кризи. Сметаме дека сега не треба да се занимаваме само со излегувањето на Велика Британија од Европската Унија, туку дека пред сѐ треба да размислиме на кој начин Европската Унија и пред сѐ еврозоната можеме да ги направиме поотпорни на кризи“, рече Меркел.
Макрон на прес-конференција повика на историска реформа на Европа, додавајќи дека сака помалку бирократска, а повеќе заштитничка Европа. Измените на договорите на ЕУ веќе нема да биде табу тема во Франција, додаде тој.
Инаку, посетата на Германија од страна на новиот француски претседател Maкрон е прва посета во странство откако ја презеде функцијата.