Мијалков од притвор денеска треба да биде донесен на судење за „Тврдина-Таргет“

Сподели

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, кој вчера вечер заврши во притвор, денеска од затворот „Скопје“ во населбата Шуто Оризари треба да биде донесен со полициско комбe во Основен суд Скопје 1, каде му се суди во случајот „Таргет -Тврдина“.

Мијалков беше приведен од хотелот „Мериот“ на скопскиот плоштад, откако му беше одреден 30-дневен притвор поради опасност од бегство. Притворот го побара Специјалното јавно обвинителство, а беше одобрен од судот каде му се суди.

Покрај него, од истиот затвор треба да биде донесен и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кому во Кривичен суд ќе му се суди за „Топлик“.

Во предметот „Таргет – Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, потоа Сашо Мијалков и шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20.000 граѓани.

Сашо Мијалков и Горан Грујовски, заедно со Гордана Јанкулоска и Никола Бошкоски се товарат и за уништување на системот за прислушкување на МВР и интермедијациските уреди на операторите во вредност од 1.418.879 евра, а Валентина Симоновска за фалсификување службен документ.

meta.mk