Милошоски бара избoр за нови членови на ДИК

Сподели

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција изјави дека е симптоматично што во моментов Државната изборна комисија е празна и нефункционална и оти треба сите државни институции кои би биле дел од евентуален процес за конечно одлучување за прашањето за името да бидат функционални за никој да нема алиби да го донесе Собранието пред свршен чин или да врши притисок да се изјасни на еден или на друг начин, без народот да ја изрази својата волја.

Милошоски денеска поднесе барање Собранието да донесе одлука за објавување јавен оглас за избор на претседател, потпретседател и шест членови на ДИК. Точката, според него, би требало да се стави на дневен ред на првата наредна седница, а изборот би се вршел според актуелниот Изборен законик.

– Дополнително сегашната состојба во ДИК е спротивна на членот 26 на Изборниот законик каде што стои дека Собранието има императивна норма да ја пополни ДИК со нов состав после 30 дена по завршувањето на мандатот на претходната ДИК, кој беше констатиран во декември. Досега нема такви иницијативи – рече Милошоски.

Сепак, негово лично мислење е дека составот на ДИК треба да биде помал по број, за ДИК да биде и поекономична и поефикасна.

– Но, тоа би било прашање на некои политички договори и некој поширок консензус. Ова е актуелниот закон и сметам дека според овој треба да имаме целосен состав на ДИК и да одговори на евентуални избори или референдум – додава Милошоски.