Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, во интервју за „Сител“, изјави дека став на меѓународната заедница е оти е потребно продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство (рокот за завршување на истрагите и за поднесување обвиненија, н.з.).
Пратеникот и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, пак, синоќа, во интервју за истата телевизија, рече дека рокот од 18 масеци бил предложен од меѓународната заедница и од Бејли, како нејзин претставник, за време на преговорите меѓу политичките партии во Клубот на пратеници во 2015 година.
Американскиот амбасадор во интервјуто рече дека кога се потпишувал договорот за формирање на Специјалното јавно обвинителство, никој не бил свесен со колкав материјал ќе се соочи оваа институција.
– Да се вратиме назад и да видиме која беше поентата за формирањето на СЈО, а тоа е да донесе одговорност за содржината од наводите што произлегуваат од прислушуваните разговори. Не сум сигурен дека кој било тогаш беше свесен за обемот на работа со кој ќе се соочи СЈО. Оваа институцијата, исто така, се соочи со пречки и со отежната соработка. Многу е важно работата да се заврши докрај, да се утврдат фактите и да се расчистат сомнежите дали и кој вршел злоупотреба – изјави Бејли.
Милошоски, пак, изјави дека на Бејли му било добро познато прашањето околу мандатот на СЈО, бидејќи бил вклучен во разговорите во Клубот на пратеници.
– СДСМ тогаш предлагаше мандатот на СЈО да биде три години, ВМРО-ДПМНЕ излезе со предлог тој мандат да биде една година, предлогот на меѓународната заедница, каде што и Бејли беше претставник, беше мандатот да биде 18 месеци. Ние имаме сега во случајот некој што го оспорува, го става под знак прашалник мандатот што самиот го предложил во однос на СЈО – изјави Милошоски.
Тој повторно го обвини СЈО дека станува „партиска испостава на СДСМ и дека не направило ниту ден посериозен обид да работи транспаретно и во согласност со законите да обезбеди одредени докази или материјали што ќе ги презентира на јавноста на еден посериозен начин“.
– Ние остануваме доследни на тоа дека СЈО треба да работи на таков начин како што беше договорено. Мандатот истекува во јуни и ние им посакуваме сè најдобро до јуни, да видиме колку се спосособни и што можат да докажат, а колку работа има во СЈО добивме одговор од самата институција. Јанева имаше две обвинителки кои ги избрка од работа со образложение дека во СЈО нема потреба од толку обвинители, бидејќи нема доволно работа. Ако нема толку работа, значи нема потреба од продолжување на мандатот – изјави Милошоски.
Посредникот во преговорите, белгискиот олеснувач Питер Ванхауте, во врска со рокот на СЈО, кон крајот на октомври минатата година изјави дека него го договориле лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, да биде 18 месеци, без преговори. Според Ванхауте, предлогот на странците, односно на претставниците на меѓународната заедница, бил да нема рокови, СДСМ предлагал рок до околу 2 години, а Груевски бил за мандат на СЈО од 18 месеци.