Вести Свет

Турција: Започна судењето за обидот за атентат врз претседателот Ердоган

Под засилени безбедносни мерки во турскиот град Мугла започна судењето на група од 44 уапсени лица и тројца во бегство, во врска со обидот за атентат врз претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и за убиство на двајца полицајци, а станува збор за напад што се случи за време на неуспешниот обид за воен удар кој на 15. јули во Турција го изведе терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).

Судењето се одржува во адаптирана конференциска сала на Трговската комора во Мугла, а обвинетите членови на терористичката организација ФЕТО во групи и под засилени безбедносни мерки утрово се доведени од затвор во судницата.

Судскиот процес се одржува во адаптирана сала поради немање капацитет на постојните судници во зградата на судските институции во Мугла за такви големи процеси.

Подготовките и текот на првото рочиште во судскиот процес на „тимот атентатори“ го надгледува турската полиција, жандармеријата и специјалните сили од хеликоптер.

Процесот го води 2. Кривичен суд во Мугла, а во судницата на првото рочиште присуствуваа и најблиските роднини на обвинетите.

Пред судницата се собраа поголем број граѓани кои бараат изрекување на најстроги казни за осомничените. Демонстрантите испратија и порака до американскиот претседател, Доналд Трамп, од кого очекуваат испорачување на водачот на ФЕТО, Фетула Ѓулен.

Почетокот на судењето на осомничените за обид за убиство на претседателот Ердоган во хотелот во Мармарис, го следат голем број акредитирани новинари.

Обвинението товари вкупно 47 осомичени за обид за убиство на претседателот Ердоган, кршење на Уставот, кривично дело против институциите, напад врз Владата, водење и членување во терористичка организација и бројни други кривични активности. Првообвинетиот во случајот е Фетула Ѓулен, водачот на терористичката организација ФЕТО, а им се суди и на уште двајца пребегнати и на 44 уапсени осомничени.

Меѓу осомничените има 38 војници за кои обвинителството бара да се изречат повеќекратни доживотни затворски казни.

Првото рочиште ќе трае 4 дена, а ќе продолжи во март и во април. Второто рочиште се очекува во јуни.

Во текот на јулскиот обид за воен удар во Турција, налогодавците од редот на терористичката организација ФЕТО, кои претходно беа инфилтрирани во турската војска и во другите институции, му наредија на специјалниот тим да изведе атентат на претседателот Ердоган, кој таа ноќ со семејството престојуваше во хотел во Мармарис.

Anadolu Agency

Сподели: