МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ: И ВТОРИОТ ТЕСТИРАН ПАЦИЕНТ, НЕГАТИВЕН НА КОРОНА ВИРУС

Сподели

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, во изјавата за медиуми истакна дека и вториот пациент е негативен на корона вирус. Се работи за лице кое по 6 дена престој во Дубаи пристигнало со лет во Скопје. Пациентот има инфлуенца тип Б.

„Упатувам апел сите да се придржуваат до официјалните информации коишто ќе произлезат од оваа група за менаџирање на овој проблем којашто е веќе формирана во МЗ. И тимот и јас лично сме на располагање 24 часа за да споделуваме вистински и точни информации“, изјави министерот Филипче.

Министерот Филипче потенцираше дека инфективното одделение во штипската болница ќе биде по потреба просторија за изолација, а не за карантинско лекување. Тројцата директори во Штип, Гостивар и Велес беа информирани и тие веќе имаат преземано соодветни чекори да се спремат одделенијата во таа насока. Има добра координација и добро испланирани однапред чекори по препорака на текот на вчерашниот ден на Комисијата за заразни болести.

Од вчера, Министерството за здравство во координација со Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Владата на РСМ го подигна степенот на алертност на највисоко ниво и преземени се зајакнати мерки на претпазливост. На денешната владина седница донесени се повеќе заклучоци и препораки за превенција и заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните од корона вирусот.

На седницата е утврдено Министерството за здравство да формира постојан центар за информирање на јавноста во кој ќе бидат вклучени и Граничната полиција, Центарот за управување со кризи и Секторот за односи со јавноста во Владата. Со цел точно и навремено информирање на јавноста, Центарот тесно ќе соработува со медиумите. Апелираме до јавноста да се потпира само на официјалните информации издадени од Центарот.

Меѓу заклучоците на денешната владина седница и:
• Ограничување на влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија само преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир;
• Итна набавка од страна на Министерството за здравство на соодветна количина заштитни средства (маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека) за институциите од системот за Интегрирано гранично управување и за другите институции со цел заштита на персоналот;
• Итна набавка од страна на Министерството за здравство на соодветна количина сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските  градинки и јавните тоалети;
• Задолжително одложување на сите предвидени патувања и екскурзии во Италија за сите основни и средни  училишта и сите универзитети и организирање на едукативни часови за превенција од корона вирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје;
• Препорака до граѓаните да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот;
• Препорака до установите за згрижување на деца од предучилишна возраст да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките.