Еврообврзницата се издава во согласност со Законот за јавен долг (член 18, став 5), реагираат од министерството за финансии на вчерашната прес-конференција на Кире Наумов од СДСМ.
Во соопштението на министерството се вели дека во членот од Законот за јавен долг пишува, дека, „државни хартии од вредност во име на Република Македонија на меѓународен пазар ги издава Министерството за финансии врз основа на одлука на Владата на Република Македонија со која се утврдува максималниот износ на ново задолжување преку ДХВ“.
„Владата има функционална надлежност, законско право и легитимност да ја донесе оваа одлука согласно Законот за Влада и неговите последни измени во ноември 2015гoдина. Имено, член 43 од овој Закон предвидува состав на Влада која ќе организира парламентарни избори, додека членовите 44, 45 и 46 поблиску го уредуваат составот на Владата која ќе ги организира предвремените парламентари избори во 2016 година, со назначување на министри и дополнителни заменици министри во министерствата кои се во нив утврдени. Во моментот на донесувањето на одлуката, во РМ не се закажани предвремени парламентарни избори и времето на нивното одржување се уште е неизвесно“, пишува во реакцијата на министерството.