МИОА го пушти во употреба Централниот регистар на население

Сподели

 

Министерството за информатичко општество и администација (МИОА), денеска го пушти во употреба Централниот регистар на население.

Регистарот на население овозможува собирање на податоци за физички лица и нивно користење од страна на надлежните институции за потребите на нивните управни постапки. Регистарот им овозможува на институциите кои работат со личните податоци на граѓаните, тука да ги најдат најновите и најпрецизни податоци за граѓаните без потреба од рачно одржување и ажурирање.

 

 

„Регистарот на население содржи податоци кои се унифицирани, верифицирани, стандардизирани и валидизирани. На овој начин, со пуштање во употреба на Регистарот, граѓаните конечно нема да се соочуваат со проблемот на различни податоци во различни институции и дати бази“, истакна Манчевски.

Тој додаде дека регистарот на граѓани ќе биде основа за креирање на единствен електронски број на граѓанинот.

 

 

„Овој број ќе биде клучен за системите кога граѓанинот ќе побара услуга од институциите. Секој граѓанин има право да ги знае неговите лични податоци содржани во регистарот. МИОА воведува нова услуга со која секој може да провери кои податоци се запишани во регистарот. Секој граѓанин има право да знае кој ги користи неговите лични податоци. МИОА воведува нова услуга со која секој може да побара информација за тоа која институција, кога и поради која причина ги користела податоците од регистарот за граѓанинот. Понатаму, регистарот на население ќе биде алатка која ќе го помогне спроведувањето на пописот, а податоците од регистарот ќе бидат и искористени и за пречистување на избирачкиот список“, појасни Манчевски.

Според него, регистарот на население е основата без којашто дигитализацијата на јавната администрација е невозможна. Податоците впишани тука, се дел од Националниот портал за е-услуги, којшто, според Манчевски, многу скоро ќе биде пуштен во употреба.