Мицкоски доби две тужби за клевета: против СДСМ и против Љупчо Ристовски од Интегра

Сподели

 

Основниот граѓански суд во Скопје ги усвои тужбите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за клевета. Мицкоски на суд ја доби правната битка против СДСМ и Љупчо Ристовски од Интегра.

Според судот, објава во која СДСМ напишале дека „Антизападниот пион Христијан Мицкоски е продолжена рака на криминалецот Никола Груевски“ согласно членот 6 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, претставува навреда. Мицкоски во случајот барал симболични едно евро надомест.

Исто така, како клевета за судот се и објави во кои пишувало дека „Мицкоски е пион кој се збогатил благодарение на неговиот шеф и ментор“, како и дека „Во 2015 година, Груевски му доделил на Мицкоски неговата фирма ’Енерготек ДОО‘ 33 000 квадрати метри државно земјиште за изградба на хидроцентрали“. Во истата пишувало и дека „Фирмата е 99% сопственост на Мицкоски, а не 7%, како што ја лаже јавноста“.

 

Уште една клевета, според Граѓанскиот суд, било пишувањето дека „Мицкоски му е вечен должник на Груевски. Тој мора да го штити и прави онака како што сака Груевски. Политиките на Мицкоски се политики на Никола Груевски“.

Со пресудата, судот му налага на СДСМ истата да ја објави во весник во рок од 15 дена од приемот, како и да му ги плати судските трошоци на Мицкоски во износ од 12 098 денари (200 евра) во рок од 15 дена од правосилност на пресудата.

Судот утврдил дека тужениот Ристовски со цел да го наруши угледот на Мицкоски изнел невистини дека ВМРО-ДПМНЕ и лидерството било против македонските национални интереси.

“И со вака исклучително заробено судство, со исклучително ниска доверба, вистината не може да се заобиколи, а лагите да бидат премолчени”, напиша Христијан Мицкоски на својот фб профил.