Мицкоски: Ќе поднесам тужба за монструозните обвинувања на Петровска

Сподели

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека со жалање го прочитал статусот на поранешната министерка Славјанка Петровска во кој таа упати обвинувања на негова сметка.

Не е прв пат госпоѓицата Славјанка Петровска да нанесува удар врз мене и моето семејство на ваков подмолен начин, со многу лаги, измислици и конструкции. Таа за жал мене монструозно ме обвини, но јас тоа го оставам на нејзината чест и совест. Не би сакал да навлегувам во длабочината на нејзината мисла додека го креирала и го објавила овој пост. Се консултирав со мојот правен тим и ќе покренам тужба, затоа што би сакал органите, судот, до крај да го расветлат ова и да видат со какви докази располага госпоѓицата Петровска, дека јас сум нарачувал и охрабрувал убиства. Сепак јас имам семејство, моето семејство функционира низ градот и не би сакал да се најде во непријатна состојба – одговори премиерот Мицкоски на новинарско прашање.

Тој посочи дека Петровска се обидува политички да спечали напаѓајќи го него лично и преку тоа и неговото семејство и најави дека во деновите кои следат ќе биде поднесена тужбата. 

Оваа изјава следеше откако поранешната министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска на својот ФБ профил објави:

“Лично Мицковски стои и ги одобрува овие мафијашки престрелки, затоа и одбра вчера на големиот христијански празник Преображение, пред Божји храм да се фотографира со Борис Мутков – Фантом, познат лик на скопското подземје. Наместо да ги апсат, тие се фотографираат и смешкаат. Вчерашната престрелка во Синѓелиќ, е всушност пресметка зад која стои Фантом и праќа порака кој е кој. Доказ дека блискоста на Фантом со Мицковски не е монтирана е и фактотот што братот на Фантом е дел од обезбедувањето на Мицковски.

Очигледно е дека ДПМНЕ продолжува таму каде што Груевски застана, и затоа многу пократко ќе траете.” – напиша Петровска.