„Апсолутно, Артан Груби и сите оние за кои што постои основано сомневање дека сториле криминал, треба од страна на обвинителството да биде докажано дека се виновни, а од страна на судовите да биде одредена мерка врз основа на доказите и обвинението, а обвинетиот да докаже во судска процедура дека е невин. Така би требало сето ова да функционира. Со самото тоа што некој е бегалец и не е достапен на органите на прогон, тој или таа само утврдува дека е виновен, односно дека постои вина“, вели претседателот на Владата Христијан Мицкоски во интервју за централниот дневник на МТВ.
Мицкоски посочи дека обвинувањата на опозициската СДСМ дека наводно Груби е пуштен да замине, рече дека ова за многу брзо ќе биде демантирано, бидејќи како што рече заложбата на Владата е да има правна држава во која ќе има одлучна борба против криминалот и корупцијата.
„Кај опозицијата посебно кај СДСМ јас гледам еден проблем кој што можеби Фројд го има најдобро дефинирано со потсвеста, и сега нивната политика која што во моментот на таа тема е фројдовска и има проблем со нивната лична потсвест е збунувачка во јавноста, бидејќи ако кај нив работи потсвеста и деминисенција прават на некои минати времиња кога со планови итн бегалците од правдата ја напуштаат државата, па сега тоа го проектираат според нивната оптика денес, мислам дека е погрешна порака, која што многу брзо ќе биде демантирана“, рече тој.
„Ние, ова го правиме во името на нашата заложба да имаме правна држава и да има одлучна борба против криминалот и корупцијата, и добро е што граѓаните тоа го препознаваат и даваат поддршка. Јас не очекувам раководството на СДСМ или другите опозициски партии да излезе и да аплаудира да каже браво успешно завршена акција. Тие ќе продолжат со измислици, со монтажи, конструкции итн, важно е чувството на надеж дека се враќа и тоа го гледаме кај анкетите. Не велам дека е брилијантно, не велам дека ние чуда направивме за 6 месеци, чуда се невозможни“, дециден е Мицкоски.
Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на обвинувањата од СДСМ, дека има политички договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за Груби да избега преку Блаце, одговори:
„Еве ако се врати, ќе се извинат? Па до сега што не измислија. Што не измислија до сега. Прво викаа ај едните отидоа, другите дојдоа, ај ништо не прават. После, мали риби ловат. Па сега, а од ДУИ никој, па сега, аха имаме договор со ДУИ. Да не знае човек што да им одговори. Еве што ако дојде? Еве, не мора денеска да дојде, ќе дојде да речеме за некое време. Чуден е тој Фројд. Чуден е, тоа кога потсвеста ти работи затоа што тоа си го правел и сега мислиш дека сите тоа го прават. Мојата порака до нив е, нека се концентрираат, нека си ги коригираат пораките во јавноста, затоа што и самите се збунети. Една личност различни пораки дава, на различни места. Тие останаа последниот, за жал, столб на одбрана на интересите на таквите како овие што ги споменавте, зборам од СДСМ.“