МКЦ: Промоција на книгата “Културна фабрика” од Ана Мартиновска

Сподели

МКЦ, Промоција на книгата “Културна фабрика” од Ана Мартиновска, 9. април

Книгата „ Културна фабрика (Огледи за родот, градот и популарната култура)“ е избор од осумдесетина авторски колумни на родови и културолошки теми, кои се објавувани во неделникот „Глобус“ и дневниот весник „Нова Македонија“.

Во книгата е направена тематска селекција, која грубо е поделена во 3 поглавја насловени како: Белешки за родот, сексуалноста и слободата на избор, Потрага по уметноста и убавината на урбаното живеење и Приказни за другата страна на популарната култура. Во нив се вклучени куси текстови кои се бават со бројни теми од овие области на интерес, навидум мали исечоци од културниот живот во градот (но не само во него) или фрагменти од (македонската, но и европската) културната продукција, но всушност сериозни и длабоки размисли за премолчуваните теми на нашето општество. Во голема мера фокусот е ставен на темите на родот и сексуалноста, но тие ретко се обременети со сува теорија, напротив тезите и поентите секогаш се предадени од еден интимен ракурс, што придонесува за лесна идентификација и непосредна интеракција со публиката, соодветно на медиумот во кој се првенствено објавувани.

„Културна фабрика“ има за цел да проговори за болките и предизвиците на современата култура, сфатена во најшироката смисла на зборот. Таа е слика за постоечките состојби, но и простор за отворање на нови погледи и перспективи, со желба да предизвика критички дијалог на авторите, критиката и публиката, но уште повеќе и дијалог со себеси, нашите ограничувања и предрасуди.
Огледите во книгата се обидуваат да провоцираат, да ги разнишаат востановените поредоци, да ги срушат закоравените митови и стереотипи, да ги предизвикаат сите стеги на општественото, родово и културно живеење во нашата држава. И на тој начин, на овие двесте странички, тие сакаат да остават трага за културната продукција во Македонија во изминатата деценија, сведоштво за конзервативните и патријархални струи кои доминираа во јавниот дискурс и потврда за борбата за слобода и отвореност во уметноста, културата и општеството во целина.