МКЦ – “Црвена љубов”

Сподели

МКЦ, 20. мај,  Црвена љубов

БИТЕФ (Белград, Србија)

Режија и драматизација: Олга Димитријевиќ
Изведувачи: Владимир Алексиќ, Јелена Илиќ, Милица Стефановиќ и Ана Ќурчин
Музика: Ана Ќурчин

влез: 250 ден.
Билети на билетарницата во МКЦ


Претставата „Црвена љубов“ е создадена по мотивите од романот „Слободна љубов“, на руската писателка и револуционерка, Александра Колонтај. Се занимава со револуционерната идеја за љубовта, со други зборови, ги доведува во прашање патријархалните и капиталистичките општествени механизми што ги обликувале денешните љубовни односи и ги произвеле нивните, сѐ уште актуелни, општествени форми.
Приказната го следи љубовниот, политичкиот и општествениот живот на Василиса и Владимир, кои се запознале за време на револуцијата, како убедени идеалисти. Пет години подоцна, Василиса и натаму останува верна на своите идеали, додека Владимир, доаѓајќи до позицијата директор и присвојувајќи ги сите привилегии што таа ги носи со себе, ги изневерува, колку нивната заедничка политика, толку и љубовната врска.
Денес, додека зборуваме за алтернативите на капитализмот, и за тоа како да мислиме за нив и како да ги реализираме, делото на Александра Колонтај станува повторно актуелно по прашање на политиката на секојдневниот живот на сите нивоа, од економски до емотивен. Ако револуцијата подразбира радикални промени на постоечките општествени односи на моќта и капиталот во име на еднаквоста, општествените добра и заедништво, тогаш таа мора да се случи и внатре во основната единица на капиталистичкото општество, во приватната сфера, чие јадро е патријархалното семејство. Накратко, патријархат, буржоаски брак и хетеронормативно семејство не се компатибилни со поправеден свет. Затоа е неопходно да се инсистира на надминување на репродукцијата на родовите и сексуалните стереотипи, да се смисли револуција што ќе ги побие сите тие утврдени ограничувања на слободата и на љубовта. Според Александра Колонтај, љубовта во основа е општествена емоција, а не приватна работа. Љубовта поседува обединувачки елемент, кој има вредност и значење за целокупното револуционерно општество.
Во својот политички труд Алекандра Колонтај се залагала за социјална и економска еманципација на жената. Придонела за развој на социјалната заштита на децата и моделот за колективна грижа за деца, реформи во бракот и законот за сопственост, за ослободување на жената од изолацијата во домаќинството за да учествуваат во колективизација на работата во домаќинствата и артикулација на теоријата на сексуалноста за ново општество. Верувала во еманципаторскиот потенцијал на некомерцијалните и непосесивните односи меѓу слободните индивидуи непотиснати од економската зависност. Верувала во силата на љубовната солидарност заснована на другарство и еднаквост. Поставувајќи го нејзиниот роман на сцена, авторскиот тим што стои зад претставата ја следи црвената нишка на љубовта, која нѐ води во општествена имагинација на (не)возможниот секојдневен и слободен општествен живот.

Извршна продукција: Драгана Јововиќ и Јована Јањиќ
Видео: Деана Петровиќ
Графички дизајн: Катарина Поповиќ
Фотографија: Марија Радосављевиќ
Продукција: uz)bu))na))) и Битеф театар

* Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ е поддржан од Европската Унија и од FRIDA Young Feminist Fund. Содржината на фестивалот е одговорност единствено на “Тиииит! Инк. – Скопје” и на ниеден начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија