Република Северна Македонија е суверена држава која одлуките ги носи самостојно водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право, Повелбата на ООН, принципите и заложбите на ОБСЕ за заштита на европската безбедносна архитектура и глобалната стабилност.
Северна Македонија уште од самиот почеток ја осуди воената интервенција во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независнот на Украина, а пред се во поддршка на мирот, човековите права и меѓунаордниот поредок заснован на правила. Имено, досега, Владата на Република Северна Македонија донесе неколку Одлуки за воено – техничка помош со кои и помагаме на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција.
Република Северна Македонија како членка на најмоќниот воено – политички сојуз – НАТО Алијансата, одлучно стои зад позицијата и решителноста на Алијансата да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји – членки и да ги штити вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации, се вели во заедничкото соопштение на МНР и МО на РСМ на изјавата на портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.