„Министерството за надворешни работи на Албанија жали и го осудува нападот на Музејот на албанската азбука во Битола, кој се случува на овој важен ден за албанскиот јазик и за Албанците“, се вели во реакцијата на Министерството за надворешни работи на Албанија, а јавува дописничката на „Мета“ од Тирана.
Оттаму бараат македонските власти да го истражат овој вандалски чин што поскоро и да ги казнат сторителите.
– Нападот врз Музејот е доказ дека е потребна поефикасна заштита од страна на надлежните органи на заедничкото наследство – се вели во реакцијата на МНР на Албанија.
Албанското МНР ги повикува сите страни да останат смирени и да престане антиалбанската реторика.
– Ги повикуваме сите страни да останат смирени и да престане реториката против Албанците, која има цел само да го оттргне вниманието од вистинските проблеми на земјата, им штети на меѓуетничките односи во земјата и на нејзиниот евроатлантски пат – се додава во реакцијата на МНР на Албанија.
Отатму велат дека „веруваат дека овие напади се дела на една мала група луѓе, водени од екстремните националистички чувства, страв, недостиг на информации и штетна реторика во последниве неколку години“.
– Би сакале да нагласиме дека историјата, традицијата, јазикот и културата на Албанците се додадена вредност за нашите соседи во Македонија и дека нивната заштита покажува високи демократски и човекови вредности. Албанија и Албанците биле и ќе продолжат да бидат постојани пријатели на Македонија. Ние веруваме во вредностите на соживот, хармонија и на соработка меѓу нашите земји и граѓани – се додава во реакцијата.