Министерството за надворешни работи засега нема сознанија за повредени македонски државјани во силниот земјотрес што ноќеска ги погоди Грција и Турција. Како што информираат од МНР, досега ниту еден македонски државјанин не се обратил за информација или помош во македонските дипломатско-конзуларни преставништва во Грција и во Турција.
Оттаму информираат дека се во постојана комуникација со Амбасадата на Република Македонија во Анкара и со Канцеларијата за врски во Атина.
„Македонските дипломатско-конзуларни претставништва во Атина и во Анкара активно ја следат состојбата и се во координација со турските и со грчките институции. За сите информации поврзани со безбедноста на македонските граѓани кои во моментов се наоѓаат во Турција и во Грција, активни се следниве телефонски линии: Амбасада на Република Македонија во Анкара – фиксни телефони: + 903 12 439 92 04, + 903 12 439 92 08, мобилни телефони: +905303395884, +905385466691; Канцеларија за врски на Република Македонија во Атина – фиксен телефон: +30 210 67 49 585, мобилен телефон: +30 694 501 39 50“, стои во соопштението од МНР.
Според информациите што ги објави Агенцијата за управување со кризи на Турција (АФАД), ноќеска, по полноќ во заливот Гокова (провинција Мугла), каде што се наоѓа туристичкиот град Бодрум, местото го зафатила серија од повеќе од 45 земјотреси, од кои најсилниот бил со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот на земјотресот бил во непосредна близина на Бодрум и на грчкиот остров Кос. Според досегашните сознанија, има две жртви на грчкиот остров Кос и повеќе повредени, а предзвикана е сериозна материјална штета.