МО: Откажана прославата на Денот на АРМ

Сподели

1

Министерството за одбрана ги откажа сите активности околу прославата на Денот на АРМ – 18 Август, поради поплавите во скопскиот регион. Оваа информација вчера за „Утрински весник“ ја потврди и ресорниот министер, Зоран Јолевски, кој рече дека „не е време за славење“.

На ваквата одлука претходеа откажувања на дел од поканетите, а генералот во пензија, Илија Николовски, упати и отворено писмо до министерот за одбрана, во кое вели дека со целосна почит кон традицијата на великите денови на државноста и самостојноста на Република Македонија, сепак, нема да се појави на прославата на 24. роденден на Армијата, иако е таму од првите денови.

 „Дегутантно, крајно нечувствително, непримерно, несоодветно на рангот кој го стекнав за време на своето службување во… (две армии и неколку држави) и едукациите од највисоко ниво кои ги поминав за тоа време е поканите да ги прифатам“, вели Николовски и споменува уште тоа да се прави на само една недела од големото невреме и поплавите во скопско Смилковци, Стајковци, Арачиново, Ченто, Булачани, Виниче, Црешево, Илинден, во кои животот го загубија 22 недолжни луѓе, повеќемина се водат како исчезнати, многумина се повредени, а илјадници се трауматизирани и останаа без своите домови.