Могерини: Oдложувањето на пристапните преговори е историска грешка

Сподели

 

Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ во заминување, Федерика Могерини, оцени дека одложувањето на одлуката на Европскиот совет за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, не е само пропуштена шанса, туку е историска грешка – пренесува МИА.

Сумирајќи ги резултатите од минатонеделните состаноци на ЕУ во Брисел, Могерини на својот блог во текстот насловен „Две одлуки, една грешка“, истакнува дека шефовите на држави и влади ја одложија одлуката за преговори и покрај извонредниот напредок што го постигнаа двете земји и позитивната препорака од Европската комисија.

– Тоа е повеќе од пропуштена шанса, тоа е историска грешка што се надевам дека наскоро ќе биде поправена, вели Могерини.

За разлика од „грешката“ кон Северна Македонија и Албанија, Могерини како добри ги оценува одлуките на европските лидери за Брегзит и за турската воена интервенција во Сирија.