Дефинитивно може да се констатира дека во нашиот мал град настапи време на морално-политички крах.
Тоа е град на полтрони и предавници. Град на малограѓани што молчат со наведната глава пред големите политички и бизнис газди. Во тој град секојдневно слушаме како малограѓаните папагалски ја повторуваат флоскулата: „сите се исти“. Тоа е само нивни изговор за да го оправдаат сопствениот изместен систем на вредности и да можат да се префрлат од еден во друг политички табор. Ни се покажува дека „аudi, vide, tace, si vis vivere in pace“, или во парафразиран „превод“ „за да живееш во мир, биди послушен и молчи“, е животното и политичко мото на градската политичка „елита“ и мнозинството малограѓани. Пред наши очи гледаме како довчерашните „соборци“, на еден фарисејски начин им го вртат грбот на своите „другари“ и како ја поддржуваат, стимулираат и нормализираат власта на мафијата. А, сè заради танката надеж дека главните мафијаши ќе им ги остават моменталните бирократски и директорски позиции, или дека ќе им фрлат некоја трошка од големиот профит. Затоа, мнозина малограѓани и високи партиски функционери, сега пред овие нови „историски“ избори, со срамен молк, го одобруваат, поддржуваат и фаворизираат остракизмот на чесните, работливите, способните и доблесните.
Малограѓанските полтрони од нашиот омалодушен град немаат внатрешна сила да изразат гласен протест против општествено-политичката инквизиција врз политичките непослушници, ниту имаат волја да се спротистават на обидите да биде корумпиран целиот градски живот. Тие зарди својата ситна лична добивка се подготвени да дозволат урбанистички, комунално, финансиски, морално и политички да биде избербатен нивниот град. Всушност, токму заради тоа антиморално калкулантство сведочиме дека во овој нарцисоиден град, срамниот молк е востоличен како врвна умешност на живеењето, а предавството секојдневно се оцртува како сурова реалност. Тука, во обездушениот град одвратниот морален нихилизам е нормален и широко прифатен, а токму од него се изнедри срамната „слобода на прилагодување“ кон постоечката предизборна нечесна и криминална стварност.
Можеби делата се повредни од зборовите, но многу често зборовите за некои дела се оние што се најзначајни, оти само така делата може да бидат забележани и запаметени. Затоа, со сè погласниот молк (што е оксиморонска формулација, но е целосно функционална и вистинита) околу политичките и финансиските калкулации во нашиот град, всушност се проектира заборав на добродетелта и вистинскиот развој, а се фаворизираат политичката злоба и ганстерското искористување на градските ресурси.
И да не се лажеме дека градскот молк претставува нешто друго а не морален пад, предавство, согласност за идниот урбаноцид. Оти, од старо време е утврдено: „кој молчи – се согласува“. Оттука, без никакви дилеми молкот на „пријателите“, „соборците“, соседите, граѓаните и малограѓаните од нашиот мал неморален град е предавство и значи согласност со елиминирањето на способните и чесните. Секако, таквиот молк и таквото предавство не може на градот да му донесе развој и напредок, туку само идно уште подлабоко тонење и тивко умирање. Затоа, „молчењето не е злато“, туку еклатантен пример на колективното и персоналното предавство. Чин на најгнасен полтронизам.
Оттука, треба и вреди да се зборува против политичката и бизнис мафија. Против полтроните кои молчат и предавниците. Со зборови, треба, да им се одземе угледот и достоинството на политичките и економските криминалци, треба да им се демантираат нивните лаги и треба да им се разбијат висококатниците од измами и илузии. Тоа треба и мора да се прави дури и во време кога тој глас против е осамен и се чини дека е „глас во пустина“, оти само така може да се искрши општествената апатија која ја поттикнува малограѓанска орда полупрофесионални озборувачи со својот циничен и бессовесен молк за општото добро на градот. Тоа треба да се прави без разлика на бесот и омразата кои ќе бидат навлечени од мрзеливата, неука, злобна, безобразна, силеџиска и алчна партиска „клиентела“.
Поинаку кажано, тоа глаголење и пишување сигурно е неисплатлива и ризична концепција да се живее во една парохијална, религиозно-конзервативна, глупава и крајно неморална средина, во средина на партиски лакеи, послушници и бандити, но понекогаш токму таа концепција е единствената опција да се сочува сопствената морална вертикала, да се сочува вербата во коректна политичка акција и да се сочуваат, како функционални, феномените на градски соживот, искрено другарство и чист хуманизам. Впрочем, сосема е сигурно дака таму каде ќе ги снема оние чесни и доблесни пишувачи и зборувачи на вистината, правдата и човештината, таму каде никој за ништо не приговара и не критикува, некомпетентната и расипана власт може да продолжи да владее до бесконечност и да направи пустош. А, тоа не семее да се дозволи, зарем не?