МОН: Да се почитуваат мерките – меѓу учениците само 0,01% активни случаи

Сподели

 

 

Учебната година започна со физичко присуство на сите ученици од основните и средните училишта и доследно  почитување на сите мерки за заштита од Ковид-19. Според податоците на Министерството за образование и наука, добиени  од раководствата на училиштата на втори септември, меѓу учениците, само 0,01 % се активни случаи на Ковид-19. Ист е процентот и кај наставниот кадар.

Во училиштата строго се почитуваат планот и протоколите за заштита. Учениците, наставниците и другиот помошно-технички пероснал во училиштата задолжително носат заштитни маски во затворен простор, задолжително се мери телесна температура на влез во објектите и се прави дезинфекција на рацете. Исто така, постојано се проветруваат училниците и се прави честа дезинфекција на клупите и подовите.

Брзата реакција и почитувањето на мерките е најдобрата заштита. Ги повикуваме наставниците, родителите и раководствата на училиштата доколку се сомневаат за позитивен случај веднаш да алармираат до здравствените установи и епидемиолошките служби кои ќе постапат согласно алгоритмите.

Министерството за образование и наука апелира на доследно почитување на протоколите за заштита, бидејќи минатогодишното искуство ни покажа дека со практикување на мерките, училиштата не се трансмитери на заразата. Секако, неопходно е одговорно однесување и надвор од училишните објекти.  Само така ќе спречиме ширење на вирусот и ќе овозможиме квалитетна едукација за младите, преку настава со физичко присуство која нема подобра алтернатива.

Во учебната 2021-2022 година, настава во основните и средните училишта посетуваат околу 257 илјади ученици.