Секој изгубен ден и час од образовниот процес е на директна штета на учениците и никој не може да ги надомести. Затоа, Министерстевото за образование и наука ја поздравува иницијативата од Советот на СОНК за интензивирање на преговорите за зголемувањето на платите на наставниците но не и одлуката да се продолжи со штрајк. Неодговорно е да се инсистира на продолжување со прекинот на наставата, во услови кога на наставниците им е понудено решение за раст на платите.
Разумно е штрајкот да се стави во мирување, а синдикатот да продолжи со преговорите, се до постигнувањето на решение прифатливо за сите страни. Во спротивно, СОНК ќе биде единствениот одговорен за непоправлива загуба на учениците и на родителите.
Ги повикуваме наставниците да почнат повторно да делуваат во најдобар интерес на децата и да се вратат на настава. Зголемување на платите во образование ќе има, како што имаше и во изминатите 5 години.Понудено е зголемување за 10 % кои ќе се обезбедат со ребалансот на Буџетот. Тоа значи повисоки плати на наставниците за 2.500 денари месечно. Понудивме и методологија со која ќе обезбедиме континуиран раст на платите и трајно решавање на социјалниот статус на вработените во образование.
Да потсетиме дека претходно, низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците од 21 %. Со ова зголемување платата на наставник/чка во основно образование е порасната за над 3.200 денари плус минат труд и сега е најмалку 24.786. На наставник/чка во средно образование зголемувањето е над 4.300 денари плус минат труд и просечно платата е 25.874.
Наставници, ставете го интересот на децата пред својот личен интерес. Местото на учениците е во училиште, апелираат од Министерството за образование и наука.
Правото на образование на секое дете е уставно загрантирано право.