МОН ќе помогне на турските студенти со бесплатно сместување и исхрана во студентските домови

Сподели

 

Министерството за образование и наука и Владата ќе им помогнат на студентите од погодените подрачја од земјотресите во Турција кои студираат на универзитетите во нашата земја, со цел полесно да го надминат тешкиот период во кој се наоѓаат поради огромните човечки и материјални загуби во своите родни места. Веќе им понудивме привремено бесплатно сместување и исхрана во државните студентски домови, како и правна помош која воедно тие и самите ја побараа.

Ова го изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири при посетата на Меѓународниот балкански универзитет, каде во моментов студираат 100тина државјани на Република Турција. 

– На моја иницијатива денес дојдов во посета на Меѓународниот балкански универзитет, да се сретнам со студентите кои доаѓаат од оваа држава, поточно од погодените подрачја од катастрофалниот земјотрес минатиот месец. Многу од овие студенти загубија членови на своите семејства, ги загубија домовите, а некои загубија буквално сè и потребна им е поддршка. Дојдов да поразговарам со нив, да ги слушнам нивните потреби и секако да ги известам што ние како министерство можеме да понудиме, за да се ублажи ситуацијата во која се наоѓаат, рече Шаќири.

Според информациите кои министерот ги добил од студентитетие најчесто имаат потреба од дополнителни финансии заради намалување на секојдневните трошоци кои, како што рече, нивната потпора во родните места, не е во можност да ги поддржи и покрие во моментот. Во таа насока, веднаш им е предложено бесплатно сместување и исхрана во државните студентски домови. 

Шаќири потенцираше дека на студентите им е понудена и правна поддршка, согласно капацитетите на министерството, така што секој студент може да се обрати до МОН и да дојде во просториите на правната служба и да се консултира за тоа што е негов фокус.

–  МОН ќе поднесе и иницијатива до Владата за обезбедување на еднократна парична поддршка за секој студент од погодените подрачја, но дополнително ќе ги известиме студентите и јавноста за одлуката, бидејќи за овие фискални импликации, се консултираат повеќе страни и институции, рече министерот.  

Со Турција и турскиот народ, истакна министерот, остануваме пријатели и ќе продолжиме да си помагаме секогаш кога ќе има потреба, во добро и во вонредни состојби каква што е оваа, затоа што само така ќе ја ублажиме болката и ќе им помогнеме на оние најпогодените да излезат посилни од целата оваа ситуација.

Во државата има околу 200 турски студенти само во Скопје и во Штип, кои доаѓаат од погодените подрачја и дел од нив веќе побарале одредена помош од факултетите каде студираат.