“Изборите поминаа во фер и демократска атмосфера. Граѓаните повторно учествуваа во изборен процес во кој слободно можеа да ја изразат својата волја. Изборната администрацијата ефикасно го спроведе гласањето под посебни здравствени протоколи поради пандемијата со КОВИД-19 со што граѓаните можеа безбедно да го остварат своето право на глас” – oва е прелиминарната оценка на граѓанската асоцијација МОСТ за предвремените парламентарни избори.
Претседателот на МОСТ Дарко Алексов на денешната прес-конференција соопшти дека во текот на изборниот ден биле забележани само неколку изолирани случаи на неправилности кои, како што рече, не влијае на квалитетот на изборниот процес.
“Изборната кампања генерално помина во релаксирана атмосфера и овојпат не беа забележани инциденти кои влијаеја на атмосферата во која се спроведе, што го продолжува трендот на подобрување во последните неколку изборни циклуси. Исклучок претставуваат случаите на црна и негативна кампања, како и користењето на националистичка реторика”, рече Алексов.