МОСТ со најостра осуда за насилството во кампањата за локалните избори

Сподели

Граѓанската асоцијација „Мост“ денеска најостро го осуди насилство од било каков вид и ги повика учесниците во изборите да се воздржат од злоупотреба на вакви и слични настани за изборни цели, а надлежните институции темелно да ги истражат инцидентите.

Од асоцијацијата наведуваат дека во текот на кампањата биле забележани неколку изолирани случаи на злоупотреба на јавни ресурси, најчесто од градоначалници кои се кандидати на изборите.
„Забележан е притисок за присуство на партиски настан во една општина и организирање на партиски настани во текот на работното време во две општини од страна на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, како и еден случај на уценување за гласање за независен кандидат“, велат од „Мост“.

Во однос на работата на изборната администрација, од МОСТ наведуваат дека дел од одлуките на Државната изборна комисија биле донесени на седници за кои набљудувачите не беа информирани.

„ДИК не ги усвојува своите записници навремено, што оневозможува целосен увид во нејзината работа, а дел од усвоените одлуки и извештаи не се објавени на нејзината веб-страница“, стои во соопштението.

Од „Мост“ нотираат дека измена на Изборниот законик не смее да се врши во тек на изборниот процес, алудирајќи на измените кои беа направени за да се смени составот на ДИК, односно во неговиот состав да влезе и претставник од втората најголема политичка партија од парламентарната опозиција.