МПЦ-ОА ќе формира солидарен фонд за настраданите во поплавите

Сподели

sinod-na-MPC

Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) донесе одлука да формира солидарен фонд, во кој со свои финансии ќе учествува клирот на Црквата, храмовите, манастирите и епархиските центри. Овие средства ќе бидат соодветно распределени на настраданите во поплавите.

Одлуката е донесена на денешниот координативен состанок што се одржал во просториите на Архиепископијата.

На состанокот било одлучено и црковната кујна при храмот „Свети апостоли Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, покрај секојдневното подготвување оброци за сиромашните и социјално ранливите категории, да подготвува и оброци за настраданите, кои ќе бидат дистрибуирани во текот на денот.

Од МПЦ ги повикуваат граѓаните и компаниите, согласно можностите, да донираат продукти за готвење во црковната кујна при храмот „Свети апостоли Петар и Павле“ во Ѓорче Петров.

МПЦ информира дека ја разгледале состојбата во поплавените делови на Град Скопје и низ Република Македонија, како и извештајот од нивните досегашни активности на терен преку дистрибуција на храна, хигиенски средства, облека и друг вид помош.

Според МПЦ, состојбата бара уште многу вложување на труд, сили и финансиски средства, особено во втората фаза од справувањето со последиците од невремето.

meta.mk