Во врска со шпекулациите дека Министерството за труд и социјална политика ја промовира идејата за зголемување на капацитетите за прифат на поголем број на мигранти, би сакале уште еднаш да го истакнеме ставот на Министерството во однос на ова прашање:
Република Македонија се декларираше како држава на транзит за мигрантите кои поминуваат низ неа. Државата ја има ратификувано Конвенцијата за правата на бегалци од 1994 година и Протоколот од 1963 година.
По однос на овие ратификувани документи во текот на 2003 година е донесен Законот за азил и привремена заштита со кој се дефинираат правата и обврските на лицата кои побаруваат меѓународна заштита. Во текот на 2007 година беа направени измени на Законот за социјална заштита, а во текот на 2010 година Законот за здравствено осигурување со кои беа допрецизирани правата на лицата со признат статус на бегалец или лица под супсидијарна заштита.
Министерството за труд и социјална политика во текот на 2008 година иницираше формирање на меѓуресорска група со преставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за локална самоуправа и Црвениот крст, која во текот на 2009 година ја изготвија Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2009-2015 година. Овој стратешки документ имаше седум клучни приоритети и тоа: пристап до права од социјална заштита, пристап до образование, пристап до пазар на труд, домување и локална интеграција. Голем дел од овие приоритети во периодот 2009-2017 година се реализирани.
Во текот на 2015 година Министерството донесе работна верзија на новата Стратегија за интеграција на бегалци и странци, но настаните со мигрантскиот бран беа причина за пролонгирање на периодот на носење на новиот документ.
Новите настани и глобалните политиките кон бегалската популација беа причина за одредени мали дополнувања на првичната работна верзија на новата Стратегија.
Водејќи се од принципот на транспарентност во своето работење Министерството за труд и социјална политика вчера ја постави на својата бев страна новата Нацрт- Стратегија за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година, со цел да се добијат сугестии од заинтересираните организации и граѓани. Овој консултативен процес ќе се заокружи со работна конференција на која ќе се дискутира за позитивните предлози во насока на унапредување на документот.
На крај, го осудуваме тенденциозното ширење страв во јавноста од бегалците, од причина што документите како новата Стратегија за интеграција на бегалци и странци, се само еден патоказ без никакви обврзувачки акти кон кое било министерство или институција.