За случајот со пожарот во Гостивар, каде настрада седумгодишно дете кое било врзано со синџир, од Министерството за труд и социјална политика информираат дека немало пријави до Центарот за социјална заштита (ЦСР) во Гостивар за родителска негрижа.
„Досега во ЦСР Гостивар не се пристигнати никакви пријави или информации за каков било тип на родителска негрижа, злоупотреба или несовесно однесување кон кое било од децата во семејството. Согласно евиденцијата на ЦСР Гостивар, ова семејство не било корисник на ниту едно право или, пак, услуга од социјалната и детската заштита“.
Од МТСП додаваат дека стручните тимови на ЦСР Гостивар се во постојана комуникација со МВР и со ОЈО и дека е побарано од ЦСР Гостивар детално да го испита случајот во врска со семејството и состојбата на децата, по што ќе бидат преземени соодветни мерки во интерес на децата.
Центарот за социјална работа – Гостивар и Општината обезбедиле сместување и соодветна грижа за членовите од семејството кои настрадале во опожарениот стан, а пружена им е и психосоцијална помош и поддршка.
Засега остануваат неодговорени повеќе прашања: од кога семејството живее во Гостивар, кој е одговорен и како се случило дете да биде врзано со ланец и катанец? Дали соседите не забележале ништо сомнително кај новодојденците, дали трагедијата е сплет на несреќни околности и конечно дали можела да биде избегната?