Музеј на РСМ: Ја чествуваме 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески

Сподели

 

“Везилке кажи како да се роди
проста и строга македонска песна…
Два конца парај од срцето, драги,
едниот црн е, а другиот црвен,
едниот буди морничави таги,
другиот копнеж и светол и стрвен.
…Судбинско нешто се плело за века,
од двете нишки, два созвучни збора,
едната буди темница што штрека,
другата буди вкрвавена зора…”
 
 
 
 
Не бил случаен поривот на Блаже Конески да бара инспирација во македонскиот вез и да ја воспева македонската жена во песната Везилка. Везејќи, таа ја отсликувала културната меморија и колективниот идентитет на македонскиот народ. Преку везовите, се раскажани најдлабоки чувства, извезени животни приказни проткаени со среќа и тага, со болка и радост, копнеж и надеж, одважност и храброст, стравови, сомнежи и јанѕи, чувства коишто постојано се испреплетувале и се испреплетуваат во секој човек.
Изведбата на везот, со броење на жици од платното и најчесто од опачината, подразбирало висок степен на познавање на повеќе сложени и разновидни везбени техники: полнеж, ќесме, кинатица, грабено, писано, лозено, нофтено, крвчиња, како и многу други поедноставни техники, од вкупно 64, коишто нашата жена везилка ги применувала истовремено.
 
 
 
 
Ја  чествуваме 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески