МВР 24 часовен Билтен

Сподели

Одделот за криминалистичка полиција, по наредба од Основното јавно обвинителство Битола презема предистражни дејствија и во координација со СВР Битола поднесе кривична пријава против Б.К. од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“ по член 275-в од Кривичниот законик и против В.А. од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в од Кривичниот законик. Имено, првопријавениот Б.К., во својство на управител на правно лице од Битола, на 19.12.2019 со неизвршување на обврските од склучен договор за јавна набавка на стоки за проектирање, набавка и монтажа на фотоволтаични панели за производство на електрична енергија со ЈП „Пазари“ Битола нанел штета на претпријатието. Тој дал гаранција за поставените фотоволтаични панели во рок од 25 години, иако знаел и бил свесен дека во предвидениот рок од една година од основањето на друштвото  не го внел основачкиот влог на своето друштво согласно чл.186 ст.5 од Законот за трговски друштва поради што истото согласно чл.552-а и чл.552-б од истиот закон било избришано од Централниот регистар. Исто така, Б.К. знаел дека не можел да гарантира за изведените работи, со што постапил спротивно на дадената изјава за сериозност на понудата.

Второпријавениот В.А., во својство на директор на ЈП „Пазари“ Битола со пропуштање на должен надзор во вршењето на своите овластувања и должности, не извршил надзор кој бил должен да го изврши над носителот на набавката дали е активен субјект или не, со што не постапил согласно одредбите од склучениот договор за јавна набавка и не го раскинал. Исто така, В.А. постапил спротивно на чл.101 ст.7 од Законот за јавни набавки и не објавил негативна референца на електронскиот систем на јавни набавки на Бирото за јавни набавки. На тој начин В.А. му овозможил на првопријавениот да се стекне со противправна имотна корист како право да не биде исклучен од идните постапки за јавни набавки во период од шест месеци од денот на евентуалното објавување на негативната референца, а воедно и по доставена фактура одобрил и извршил плаќање кон првопријавениот односно кон неговото правно лице во вкупен износ од 1 298 000 денари со што го оштетил буџетот на ЈП „Пазари“ Битола.

На 03.05.2024 во 01.20 часот во село Богомила, општина Чашка, полициски службеници од Полициското одделение Чашка го лишиле од слобода Ѓ.Ѓ.(36) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од Н.Д.(37) од село Богомила дека пред објект во селото Ѓ.Ѓ. со ловечка пушка му се заканил нему и на С.С., М.Д., Б.Ј., Т.Д., П.Б. и Д.Ѓ.. Тој бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот протв него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 02.05.2024 во 16.40 часот, полициски службеници од Полициската станица Кисела Вода го привеле О.А.(32) од Скопје затоа што, по претходна расправија, околу 16.00 во продажно место на подрачјето на Кисела Вода физички го нападнал К.Б.(42) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 02.05.2024 во 17.00 часот во Кичево, полициски службеници од Полициската станица Кичево го привеле Ф.Д.(29) од с.Горно Строгомиште, кичевско, затоа што агресивно се  однесувал кон полициски службеници кои вршеле службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Денеска (03.05.2024) во 03.25 часот на ул.„Стив Наумов“ во Охрид, полициски службеници од Полициската станица Охрид го привеле лицето Б.Т.(49) од с.Црвена Вода, општина Дебрца, затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои вршеле службени дејствија.  По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 02.05.2024 во 11.10 часот на улица „Пролетерски бригади“ во Струга, полициски службеници од ОВР Струга ги привеле Б.Ј.(53) и Ф.Ј.(32), двајцата од струшкото село Корошишта, затоа што агресивно се однесувале кон полициски службеници кои преземале службени дејствија. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 02.05.2024 во 21.00 часот во Полициското одделение Ропотово било пријавено дека по претходна расправија пред угостителски објект во с.Лажани, прилепско, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Џ.Х.(27) од с.Житоше од една страна и С.Ш.(19), М.Ш.(45), А.Ш.(30) и С.Ш.(32), сите од с.Лажани, од друга страна. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 02.05.2024 во 17.00 часот во СВР Скопје, С.Т.(66) од Скопје пријавил дека околу 10.30 часот на подрачјето на Ѓорче Петров бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 02.05.2024 во 20.30 часот во СВР Штип било пријавено дека околу 16.00 часот на кружниот тек на ул.„Ванчо Прќе“ и ул.„Кирил и Методиј“ во Штип, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу В.С.(58) од една страна и Ќ.Ј.(67), Ф.Ј.(42) и малолетник, од друга страна, сите од Штип. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 02.05.2024 во СВР Скопје било пријавено дека на 01.05.2024 во 17.30 часот на подрачјето на Бит Пазар бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу 33 – годишната И.А. и А.С.(35), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 02.05.2024 во 23.00 часот во СВР Штип, Х.К.(20) од Штип пријавил дека околу 20.20 часот на ул.„Јосиф Ковачев“ во Штип бил физички нападнат од 32 – годишната В.Р. од Берово, Е.Ј.(44), Ѓ.С.(31) и еден малолетник, тројцата од Штип. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 02.05.2024 во 12.30 часот во Полициската станица Штип, Ф.Ш.(87) од Штип пријавил дека околу 12.00 часот на ул.„Сутјеска“ во Штип бил физички нападнат од Д.А. од Штип. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 01.05.2024 во 23.00 часот во СВР Скопје, С.С.(28) од Скопје пријавила дека околу 18.30 часот во нивниот дом на подрачјето на Чаир, таа, нејзиниот татко Т.С, нејзиниот чичко Д.С., нејзинатата тетка М.А. и нејзината сестра С.С. биле физички нападнати од И.Р., Б.С.,С.С. ,О.С и И.С., сите од Скопје, кои притоа употребиле и тврд предмет. Се преземат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (03.05.2024) во 00.15 часот во СВР Скопје, од Јавната установа за згрижување деца на подрачјето на Карпош било пријавено дека од установата се оддалечил нивниот штитеник Р.М.(16), кој и претходно се оддалечувал и бил враќан. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 02.05.2024 во 10.00 часот во Полициската станица Прилеп, Р.П.(46) од Прилеп пријавил дека на ул.„Драган Димески“ во Прилеп неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

На 02.05.2024 во 14.00 часот во Полициската станица Прилеп, М.Р.(69) од Прилеп пријавил дека на бул.„Гоце Делчев“ во Прилеп бил каснат од куче скитник.