Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска разреши 11 раководители во повеќе сектори на МВР.
Високи извори од МВР за „Мета“ потврдуваат дека некои од нив се разрешени поради инцидентот со вежбата на „алфите“ во близина на Амбасадата на САД во Скопје и поради истрагата на Специјалното јавно обвинителство „Трезор“.
Помеѓу разрешените е и Небојша Стајковиќ, за кој медиумите објавија дека е еден од осомничените во новата истрага на Специјалното јавно обвинителство „Трезор“. Тој од позицијата помошник на министерот на одделот за информатика и телекомуникации, се именува за дополнителен заменик на помошникот на министерот на истиот оддел. На негово место е поставен Горан Трајаноски.
Разрешен е и Ивица Анчевски – Пуки, кој беше началник на единицата „Алфи“, чии припадници на 15 септември симулирале реакција во случај на терористички напад на Амбасадата на САД, без за тоа да ја известат амбасадата. Освен Пуки, разрешен е и неговиот претпоставен, началникот на СВР Скопје, Ивица Вучевски.
На местото на Анчевски доаѓа Примислав Димовски, а на местото на Вучевски е поставен Лазо Велковски.
Покрај нив, разрешени се Зоран Глигоров, началник на одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал во БЈБ, Александар Јанев, началник на Секторот за прикриени операции, Петре Игнов, началникот на СВР Велес, Ванчо Синадиновски, началникот на СВР Штип, Методија Атанасовски, началникот на СВР Битола, Гоце Недески, началникот на СВР Охрид, Ѓорѓи Божинов, началникот на СВР Струмица, и Моме Јакимовски, началникот на СВР Куманово.
На ова реагираше дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Оливер Андонов. Тој на прес-конференција рече дека со бесправно и еднострано потпишување на решенијата за распоредување на раководни позиции на 11 лица вработени во МВР, Оливер Спасовски на најдобар начин покажал дека за него не постои Устав и закон, туку само личен интерес и интерес на неговата партија.
– Заобиколувајќи ги на криминален начин правилата, процедурите и критериумите за распоредување, Спасовски си дозволи да унапредува лица за три, четири па сè до 12 скалила во хиерархиската поставеност, што е акт без преседан и кој нема никакви допирни точки со Законот за внатрешни работи – рече Андонов.
Според него, меѓу унапредените лица на раководна позиција има и такви против кои се водат дисциплински постапки за грубо кршење на законите.
Андонов вели дека за оваа ситуација, покрај тужбите, ќе ги информира Владата на Република Македонија и претставниците на земјите учеснички во донесувањето и гаранти на Договорот од Пржино.