Изборниот ден помина безбедно со мали инциденти, оцени Јордан Ламаноски, помошник министер за односи со јавност во МВР на вечерашната прес-конференција.
– За разлика од поранешните изборни циклуси може да се каже дека изборите поминаа многу помирно. Поднесени се неколку кривични пријави за поситни инциденти и повикани се во полициска станица неколку лица за пишување графити и оштетување предмети, истакна Ламаноски.
До 19 часот, како што кажа, затворени се сите избирачки места со исклучок на едно во Кочани каде поради снемување електрична енергија гласањето ќе биде продолжено.
Во неколку наврати, рече Ламаноски, до МВР стигнале и пријави за поткуп на гласачи и за организирано носење гласачи со возила на избирачки места, но во најголем дел случаи, како што рече, лицата не се фатени на лице место и се преземаат мерки за нивно откривање.