Спас или пропаст? – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

Сер Гавејн, за да му го спаси животот на својот пријател кралот Артур, прифатил да се ожени со грдата и грбава вештерка. Тоа бил условот за да се амнестира Артур од смртната казна. А таа имала само еден заб и ширела околу себе голема смрдеа. Никогаш порано Гавејн немал видено погрдо суштество. Ама само таа го знаела одговорот на загадочното прашање – што сакаат жените? Точниот одговор значел спас за неговиот пријател.

Во првата брачна ноќ, пред да легнат, вештерката влегла во тоалетот и по кратко време се вратила, но сега како најубава принцеза. Ништо поубаво немал видено во животот Гавејн. Таа му објаснила дека живее двоен живот – дење како вештерка, а ноќе како принцеза. И дека тој може да избира кога таа да биде во едната, а кога во другата форма.

Сер Гавејн паднал во голема дилема – дали дење да биде со убавата принцеза со која ќе се гордее пред светот, ама ноќе да спие со грда вештерка, или пак да го направи спротивното. На крајот, Гавејн решил таа самата да избере. Па од тој момент таа трајно станала прекрасна принцеза, зашто добила шанса самата да биде господар на својот живот.

И ние со години дење се фалевме со лажната убава принцеза, а ноќе моравме да легнеме со грдата вештерка! Но, важна ни беше празната реклама, се додека не се дозна дека и дење и ноќе сме имале ептен грда вештерка. По паѓањето на маските со помош на бомбите, сите видоа дека убавата принцеза, всушност, била смрдлива вештерка. И наместо вештерката да исчезне, таа со помош на своите поддржувачи продолжи да се маскира, за да пак личи на принцеза.

Но, но маските цело време паѓаа. Сепак, маската по ниедна цена не сакаше целосно да исчезне од политичката сцена, па макар по цена да се бори со ветерниците. Го негираше тоа што сите го виделе и го чуле, а тоа значеше потценување на основната човечка интелигенција. Така, маската продолжи да гази по правдата, по моралот и човечноста, но и по елемeнтарната логика. Се нафрли со сеење меѓуетничка омраза, надевајќи се на својот сигурен спас.

Сепак, луѓето веќе прогледаа. Јазикот е поопасен и од мечот, но и мечот е со две острици. Кога секогаш би успевале такви политичари, светот одамна би бил претворен во пепел. Маските дури исценираа конфликт во Куманово, каде што паднаа многу жртви, но луѓето продолжуваа да веруваат само во тоа што го виделе и го слушнале, па маските останаа како рибите на суво. Сега сите знаат дека оваа власт вели дека те спасува и тогаш кога те задавува.

Груевски без грам срам бара 63 пратеници (иако секогаш имал повеќе) – и тоа не за да прави добро, туку за да се справи со „мрачните планови“ на опозицијата, која ете, сакала да ја „уништи“ државата. Истата таа држава која злогласната фамилија на маски ја ограби за над 5 милјарди евра; државата која ја доведе до ниво на Етиопија; која ја осиромаши и ја задолжи за три генерации; која направи пример како не треба да изгледа држава; во која судството го доведе до општ срам, казнувајќи праведни и штитејќи криминалци; држава на која и се уништени економијата, здравството, образованието, културата, достоинството и од која исселиле над третина од нејзиното население. Истата таа држава каде што краде гласови, мести изборни резултати, троши расипнички, краде како никој никогаш и никаде порано, незаконски затвора луѓе, тепа, киднапира, презема фирми, мести судски случаи, прави чуда со медиумите, каде и Гебелс може вода да им носи и многу уште зло невидено во поновата историја.

 И пак настојуваат да се прикажат како патриоти кои се борат против двојазничноста и слични „опасности“. Ама луѓето сега јасно гледат дека со ваков масовен патриотски егзодус, од библиски размери, по 20 години во државата ќе нема ни монојазичност, ниту двојазичност, туку гробна тишина. Дека ќе нема кој да зборува ниту на македонски ниту на албански јазик. Дека ќе владее страшна тишина, а државата ќе остане земја на духови во која ќе зборуваат само спомениците со нечујниот нивен јазик и духовите за кои не се знае на кој јазик зборуваат.

Луѓето добро знаат дека ниту Ахмети го зборува македонскиот јазик, ниту Груевски албанскиот. Ама двајцата совршено се разбираат со еден заеднички јазик. А тоа е јазикот на тендерите, јазикот на парите, јазикот на братското делење. Тие се над сите други јазици.

Власта масовно незаконско прислушувала над 20.000 луѓе, што е скандал на столетието. Тоа го правеле за да уценуваат секого, со цел на тотална послушност и покорност. Дури на многубројни судии и обвинители, а и на други носители на јавни функции, пред нивниот избор, некој редовно им укажал дека знаат за некои нивни поранешни„гревови“, но дека ќе замижеле ако во иднина бидат послушни. Снимајќи се живо и мртво, власта мислела дека жива птица не сме да прелета без да биде снимена, но си се снимала и самата себе, мислејќи дека никој друг не може да има пристап до снимките, освен таа самата.

Ама, се излажа. Послушноста е стигната до таму што и во овие моменти на агонија за режимот, злосторничката судска власт продолжува да го опструира СЈО, да спрема криминални кадровски решенија и воопшто, да биде соучесник во тешките криминални дела. Една судијка, дури од СЈО, побарала точен сериски број на компјутерите во УБК, имиња и презимиња на лицата кои работат со нив, локацијата и годината на производство и што ли уште не!

Но, сега е историскиот момент за сите нас во државата. Дури и за самите членови на ДПМНЕ, чија партија долги години хронично страда од тешки хипотеки, ако сега не ја ослободат. Од нас зависи дали ќе се согласиме да живееме нормало или ќе продолжиме да бидеме нечии играчки и робови. Од нас зависи дали ќе гласаме за нашите семејства или за една злобна фамилија. Дали ќе гласаме за ред или за хаос. Дали ќе подржиме напредок или беда. На земјата сите можеме да живееме, ако го поразиме подземјето. Доста со заробен ум. Ни треба нешто сосема ново. За да успееме, доволно е да работиме сосема спротивно од овие кои нè водат по трње цели 11 години. Мора да се согласиме дека судбината не се гради по некоја случајност, туку по свој избор. Ако го толерираме хаосот и ние стануваме соучесници на таквиот хаос.

Груевски и Ахмети ќе останат пример за градењето на лажни кули, кои впрочем не се ништо повеќе од Ќеле-кули. Треба да сфатиме дека ваквата несреќа можеби ни е испратена како божја казна, а таа може да биде многу посурова ако не се оправиме. Поради ваквото владеење, државата стана земја на солзи од мајки чии чеда неповратно си заминаа. Да се обидеме да ја повратиме нивната насмевка, додека во нивните очи има траги на солзи.

А сите треба да знаеме дека никој не е толку силен за трајно да ја победи вистината.