МЗ: 80% од новите случаи и 84% од хоспитализираните, со Ковид 19 се невакцинирани

Сподели

 

Министерството за здравство ја објави анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со Ковид 19, во период од 06 август заклучно со 9 септември. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
Во период од 06.08 до 09.09.2021 на територија на државата 26.053 граѓани, се позитивни од тестирани на Ковид 19, од нив 19% биле целосно вакцинирани, односно 5175 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид 19. Според статистика за изминативе пет недели, 20.878 граѓани, односно дури 80% од позитивните на Ковид 19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 84%, додека само 16% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.
 
Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од пет седмици на територија на државата починале 678 лица со Ковид 19, 591 пациент (87%) од починатите не биле вакцинирани, а само 87 (12%) примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.
Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини Модерна и Џонсон и Џонсон, кои некои од пациентите ги примиле во странство.
 
Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.