Министерството за здравство информира дека во текот на вчерашниот ден, граѓаните кои имаат генерирано EU сертификат за вакцинација преку vakcinacija.mk треба преку веб порталот да генерираат нов. Станува збор за безбедносен протокол со што се спречи користење на лажни EU сертификати, со лажни имиња и лажни податоци.
Сите земји што имплементирале EUDCC се соочуваат со постојани напади на нивните системи од трети, малициозни страни. Меѓу нив е и Република Северна Македонија. Како дел од ваков напад на систем, на 28.10.2021, трети страни успеале да изгенерираат четири лажни EU сертификати, со лажни имиња и лажни лични податоци, а на сертификатот пишувало дека истите примиле вакцина во Република Северна Македонија. Во лажните EU сертификати не беа напишани имиња и податоци на наши државјани. Личните податоци на нашите граѓани се безбедни и нивната сигурност не е нарушена, а воедно, безбедноста на системите е зголемена и активно се следи и подобрува, што придонесува во иднина да се избегне ваков случај.
Тимовите на Министерството за здравство се во постојана комуникација со тимовите за сајбер – безбедност што ја поддржуваат инфраструктурата на EUDCC, ангажирани од Европската Комисија. Со цел поништување на лажните сертификати и обезбедување на зголемена заштита, EU сертификатите на граѓаните на Република Северна Македонија се одново генерирани. Секој граѓанин може, на многу едноставен начин, за помалку од една минута, да го преземе својот личен EU сертификат преку пристап на порталот vakcinacija.mk
Министерството за здравство потенцира дека не станува збор за генерирање или повлекување од употреба на Националниот сертификат за вакцинација, туку за генерирање на EU сертификатот кој исто така може да се преземе на vakcinacija.mk како и CommonPass.