Последните анализи на Националниот институт за јавно здравје на Италија покажуваат дека по февруари, речиси 99% од смртните случаи од Ковид-19 се евидентирани кај лица кои не биле целосно вакцинирани, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.
Во официјалниот извештај на Институтот е наведено и дека бројот на смртни случаи кај оние со две примени дози од вакцината е особено низок, односно изнесува околу еден процент, а станува збор за лица кои имале здравствени проблеми и пред инфицирањето со коронавирус, со просечна возраст од над 88 години.
Податоците говорат и дека инциденцата на инфекција, односно соодносот помеѓу бројот на нови случаи и вкупниот број на население, е десет пати помала кај вакцинираните отколку кај невакцинираните лица, што е силна потврда на ефикасноста на вакцините.
Пораст на хоспитализациите и смртните случаи меѓу невакцинираното население е забележан во повеќе европски земји. По наглото зголемување на нови случаи во Шпанија од крајот на јуни, над 83 отсто од починатите лица биле невакцинирани, а 11,4% биле нецелосно вакцинирани. Во Обединетото Кралство 60 отсто од хоспитализираните лица биле нецелосно вакцинирани, како и во Белгија, каде скоро половина од инфицираните кои биле хоспитализирани со тешка клиничка слика не ги примиле двете дози на вакцината.
Во Соединетите Американски Држави, пак, скоро 100 отсто од вкупниот број на хоспитализации се забележани кај неимунизираното население, а според податоците од јуни, 98 до 99 отсто од починатите воопшто не биле вакцинирани. Со појавата на делта сојот на ковид-19, бројот на случаи во земјите на САД рапидно расте, особено во оние со ниска стапката на вакцинација.
Вакцинацијата е единствен начин да се стави крај на пандемијата. Во оваа заедничка борба сите подеднакво ја делиме одговорноста. Секој граѓанин кој не е имунизиран го изложува на ризик своето, но и здравјето на останатите.
За да го спречиме враќањето на рестриктивните мерки и да го вратиме нормалното секојдневие, важно e секој од нас да даде свој придонес и да се вакцинира.