На дното на Балканот: Трнливиот пат на Косово за обезбедување вакцини

Сподели

 

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги ​​разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово. Високите бројки на заразени лица и смртни случаи се најдоа на насловните страници, но владините изјави дека обезбедиле стотици илјади дози вакцини беа полни со надеж, само уште да беа вистинити.

 

    Арбер Фетаху

На 6 јануари 2021 година, поранешниот премиер на Косово, Авдулах Хоти, и министерот за здравство ја соопштија долго очекуваната вест: „Вакцините ќе пристигнат во февруари“. Тие го образложија планот за имунизација против Ковид-19, според кој Косово ги финализирало преговорите за обезбедување 535 илјади вакцини и дополнителни 600 илјади од Австрија. Не беа споделени многу детали, што остави простор за сомнежи. Сепак, Собранието одобри буџет од 40 милиони евра за борба против Ковид-19 и за обезбедување вакцини. И покрај сето ова, косовските институции не успеаја да ги обезбедат вакцините до крајот на март и Косово остана последната земја на Балканот во контекст на започнување со процесот на имунизација.

Пораст на бројките на нови случаи на зараза

Поради одложувањето на вакцинацијата, бројот на новозаразени лица е во пораст. Кон крајот на март и до средината на април, бројот на новозаразени варираше од 345 до 800 на ден, а бројот на смртни случаи од 9 до 17 на ден, во просек. Покрај тоа, друга причина за загриженост е ширењето на таканаречениот британски сој на Ковид-19, што уште повеќе ја комплицира здравствената состојба. Со 13 186 активни случаи и 99 535 позитивни случаи регистрирани од март 2020 година, Косово се соочува со големо нарушување на здравствениот систем. Во ваква состојба, капацитетите на здравствените институции се исцрпени поради големиот број пациенти на клиниките и недостатокот на соодветна инфраструктура. Згора на тоа, ако го земеме и проблемот со имунизацијата, ситуацијата изгледа прилично очајна.

Имајќи го сето ова предвид, проблемот е сочинет од повеќе делови: прво, определбата на Владата и стратегијата за имунизација не ги исполнија своите цели во обезбедувањето самофинансирани вакцини. Напорите и времето на преговори со производителите на вакцини се случија малку предоцна за Косово. И покрај тоа, министерот за здравство изјави дека доцнењето во обезбедувањето на вакцините било поврзано со фактот дека Косово не е дел од ЕУ и СЗО, што уште повеќе ги усложнило работите. Второ, Владата на Косово во значителна мера се потпре на коалицијата ЕУ и КОВАКС, со која беа предвидени околу 360 илјади бесплатни дози вакцини за Косово, како дел од регионалниот план. Како последица, Косово остана со помалку опции за обезбедување вакцини за своите граѓани.

Згора на тоа, Косово помина низ изборен процес во кој вакцините се користеа како адут, односно начин да се поттикнат гласачите. Кампањите беа преплавени со ветувања за стотици илјади вакцини, но политичките партии немаа јасен план како ќе ги обезбедат вакцините. Политичката нестабилност во време на пандемија значително го наруши процесот на набавка на вакцини, а и општо справувањето со пандемијата.

Политиката со повисок приоритет од јавното здравје

Сепак, институционалната неефикасност при обезбедувањето вакцини се должи на фактот дека политиката беше ставена на прво место, а не вакцините. Менувањето две влади среде глобална пандемија предизвика институционално доцнење во процесот на вакцинација. Дури во август 2020 година Косово го донесе и усвои измени на Законот за спречување и борба против пандемијата предизвикана од КОВИД-19. Освен тоа, Косово стагнираше при набавката на вакцини, исто така, поради неможноста за лобирање. Така, институциите можеа да сторат повеќе за лобирање кај приватните компании за купување вакцини, а во можни случаи и за обезбедување донации. За обезбедувањето вакцини требаше да се случи посуштинска институционална соработка и напори помеѓу министерствата (не само Министерството за здравство), владините агенции и државните лидери.

Така, помина и месец февруари, а вакцини никаде на повидок. Неспособноста да се заштити јавното здравје во време на пандемија беше очигледна. Во отсуство на вакцини, околу 500 здравствени работници на Косово се вакцинираа во Албанија. Ветувањата за првите дози вакцини се префрлија за во месец март. Конечно, на 28 март се виде светлина на крајот од тунелот – 24 000 дози вакцини пристигнаа во Косово. Пратката вакцини што пристигнаа во Косово, беше обезбедена од УНИЦЕФ преку механизмот КОВАКС. Оваа пратка е дел од 100 800 дози вакцини АстраЗенека што Косово ќе ги добие бесплатно преку програмата КОВАКС на Светската здравствена организација.

Na dnoto na Balkanot Trnliviot pat na Kosovo za obezbeduvanje vakciniИзвор: exit.al

Неодамна избраниот премиер, Албин Курти и министерот за здравство организираа официјален прием на вакцините, одбележувајќи ја важноста на настанот и ветувајќи дека бројот на вакцини ќе се зголеми. Заедно со ВД шефот на канцеларијата на ЕУ во Косово, претставникот на ООН и амбасадорот на Обединетото Кралство, косовскиот премиер изрази благодарност до механизмот КОВАКС, со тоа покажувајќи подготвеност и решеност за натамошна соработка за обезбедување повеќе вакцини. Во секој случај, да се биде последен во набавката на вакцини и да се заостане зад другите држави во процесот на имунизација ќе има последици за јавното здравје на граѓаните на Косово.

Државен план за вакцинација

Поранешната влада под премиерот Авдулах Хоти, преку надлежните здравствени институции на Косово, во февруари го изготви Државниот план за вакцинација против КОВИД-19. Врз основа на овој план, Комитетот за вакцинација предвиде дека по пристигнување на вакцините, процесот ќе се спроведува во три фази. Прва фаза: Вакцинација на групите со највисок ризик кои се состојат од здравствени работници, штитеници и здравствени работници во домови за стари лица, возрасни групи над 80 години и дел од населението со хронични заболувања. Втора фаза: Ќе ја опфати возрасната група 65-79 години, преостанатото хронично болно население, наставниците и безбедносните сили вклучени во управувањето со пандемијата на КОВИД-19, кои бројат 306 000, односно 17 проценти од вкупното население. Додека во последната фаза, планот предвидува вакцинирање на 50 проценти од населението со цел да се достигне 900 илјади луѓе или покриеност на 70 проценти од вкупното население со вакцина против КОВИД-19.

Спроведувањето на планот наиде на одложувања, како што е објаснето во написов. Првата фаза започна да се спроведува, но бројот на примени вакцини не е во согласност со планот. Доставени се 24 000 вакцини наместо 54 000 како што беше планирано. Досега се вакцинирани околу 10 илјади граѓани кои се предвидени за првата фаза, односно оние што се сметаат за највисоко ризични групи. Во исто време, владата воведе нови рестриктивни мерки како што е полициски час, рестораните смеат да работат само со достава, а на училиштата им е наложено да работат онлајн.

Во овие очајни времиња, потребно е малку светлина, иако ја нема на видик. Првата пратка на испорачани вакцини беше само кратко блеснување. Како и да е, временската рамка за преостанатите вакцини и нивната дистрибуција е тешко да се предвиди, бидејќи има повеќе пречки.

Неодамна избраната влада планира да обезбеди вакцинација на 60% од населението. Во својот план, премиерот Курти предвидува барање соработка од соседните земји како Албанија за борба против Ковид-19. Исто така, тој нагласи дека Косово ќе ги започне подготовките за барање пристап во Светската здравствена организација. Сега, очекувањата се поголеми, бидејќи неодамна назначената влада оствари убедлива победа на изборите. Сепак, проблемите во обезбедувањето вакцини се очигледни бидејќи Косово и натаму се наоѓа во сложена геополитичка позиција.

Вакцинска дипломатија

Иако Балканот не е многу голем регион, го привлече вниманието на поголемите земји за достава на вакцини, особено земјите како Кина и Русија. Меѓутоа, употребата на вакцини за политички цели не е прашање само на поголемите земји. На пример, Србија покажа подготвеност да ги вакцинира српските граѓани на Косово, потенцијално покажувајќи на овој начин свој интерес во суверенитетот на Косово. Со тоа, Србија започна кампања за вакцинација на северот на Косово, којашто Косово ја смета за политичка провокација.

Од друга страна, Владата на Косово не успеа да обезбеди вакцини за своите граѓани до крајот на март, иако неколку месеци ветуваше дека ќе го стори тоа. Во овој контекст, и ЕУ доцнеше во обезбедувањето вакцини за Косово, и покрај пакетот од 70 милиони евра на Европската комисија за ран пристап до вакцините на ЕУ за Западен Балкан. Во оваа ситуација, косовската влада даде политички изјави дека нема да прифатат вакцини од Исток, алудирајќи на Спутник В (Русија) и кинеските вакцини.

И покрај тоа што станува збор за националното здравје, потеклото на вакцините претставува дополнителен товар за земјите, особено за Косово, кое нема слични политички ставови ниту пак има дипломатски односи со горенаведените земји. Сепак, доцнењето на ЕУ и другите западни земји со обезбедување повеќе за земја како Косово им остава простор на другите барем да се обидат да ги прошират своите геополитички интереси преку вакцините. И покрај тоа, досега Косово одбива вакцини од Владата на Србија и од секој друг државен актер што нема воспоставено дипломатски односи со Косово.

Сè на сè, процесот на обезбедување вакцини за граѓаните на Косово е сложен и зависи од многу фактори. Менувањето две влади среде пандемија, во период од една година, остава простор да се споделат неуспесите и вината. Главниот неуспех на владата/ите беше неспособноста да се обезбедат вакцини. Парадоксите доживеани за време на оваа пандемија се слични на оние од трилер филмовите во кои животите на граѓаните се доведуваат во опасност заради политички сплетки на актерите во политиката.

Оттука, косовските институции треба да преземат итни дејства за обезбедување вакцини преку механизми за лобирање кај приватните компании; да соработуваат и да се координираат со меѓународните институции, со конкретни државни чинители како САД и да бараат донации на вакцини. Домашната институционална координација е од суштинско значење за борбата против Ковид-19. Спроведувањето на планот на владата за справување со пандемијата треба да се следи, вршејќи континуирана проценка и да се применат нови прецизни стратегии засновани на потребите на граѓаните.