Со цел да одговори на најновите рестрикции за патување воведени поради ковид-19 од страна на земјите од ЕУ/Шенген зоната, ТАВ Македонија, заедно со генетската лабораторијата при Жан Митрев Клиник креираа решение за правење брзи антиген тестови непосредно пред заминувањето на патникот.
Почнувајќи од неделата, 24-ти јануари, амбулантно возило за тестирање на клиничката болница „Жан Митрев” е распоредeно пред терминалната зграда на Меѓународниот Аеродром Скопје, во близина на единствениот отворен влез за патници „Departures C“, каде што патниците можат да го извршат потребниот брз антиген тест и да го добијат резултатот за 15 до 20 минути од земањето примерок. Медицинското возило за тестирање на „Жан Митрев” Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина и Центарот за истражување применета микробиологија и биотехнологија, ќе биде присутно на Меѓународниот Аеродром Скопје секој ден кога има летови до државите кои бараат брз антиген тест, четири часа пред времето на полетување до секоја од дестинациите, соопштуваат од ТАВ Македонија,.
„Целта е да се обезбеди опција на патниците кои заминуваат кон дестинациите во Холандија, Германија и Велика Британија, со цел тие да имаат доволно време да извршат брз антиген тест, пред да влезат во зградата на аеродромот и да почнат со аеродромските процедури, ако тестот веќе не го направиле пред нивното пристигнување на аеродромот“ стои во соопштението.
За повеќе детали во врска со тестот ги замолуваат патниците да ја контактираат лабораторијата „Жан Митрев“ на 02/3091484 https://zmc.mk/en/services/
„Со оглед на тоа што ЕУ/Шенген земјите постојано ги менуваат правилата за патување поврзани со КОВИД-19 и секоја земја самостојно прави промени во однос на рестрикциите за граѓаните на РС Македонија, апелираме до патниците пред да тргнат на нивното патување, задолжително да ги проверат последните барања со нивната авиокомпанија и со Амбасадата на земјата во која што планираат да пристигнат“, стои во соопштението.