На ТОАРИЛУЦ за првпат беше изведена трансплантација на лигамент од починат донор

Сподели

 

На Клиниката за Ортопедски болести при ТОАРИЛУЦ Скопје, вчера за првпат беше изведена трансплантација на лигамент од починат донор. Млад 34 годишен пациент со сериозна повреда на десното колено, доби мекоткивен графт експлантиран од починат донор. Операцијата која траеше неколку часа на Клиниката за Ортопедија  ја изведе ортопедскиот хирург д-р Алан Андоновски заедно со неговиот тим од клиниката.

 

 

– Се работи за ревизија на скинат преден вкрстен лигамент на десното колено, што е прилично честа повреда кај физички и спортски активната популација. Ревизијата се направи со графт од починат донор. Пациентот постоперативно се чувствува одлично и пред него е период на рехабилитација – вели д-р Алан Андоновски, хирург од Клиниката за ортопедија кој долги години работи во делот на мекоткивната ортопедска хирургија.

Ова е деветта трансплантација од починат донор во последните десет месеци на Клиниката за Ортопедија. Од почетокот на 2021 година на Клиниката е возобновена и Банката за коскени ткива каде се чуваат експлантираните графтови.

 

 

– По првата експлантација што ја направи тимот од Клиниката на 17 април минатата година, до денес се направени пет експлантации и девет трансплантаци на коскено и меко ткиво. На пет пациенти со малигна болест им беше трансплантирано здраво коскено ткиво, со што значтелно им се подобри нивниот квалитет на живот, а денес за прв пат трансплантиравме и мекоткивен графт односно лигамент кај млад пациент со сериозна повреда.  Благодарност до сите колеги од клиниката кои го препознаа значењето на трансплантацијата во третманот на ортопедските болести. За нашите пациенти ова поглавје ќе отвори можност за нови методи на хируршко лекување- вели  д-р Александар Трајановски, директор на Клинината за ТОАРИЛУЦ Скопје, во чиј состав е Клиниката за Ортопедија.

 Инаку повредата на меките ткива, лигаментите и тетивите е многу честа кај младите лица, особено кај активните спортисти. Само успешен оперативен третман може да гарантира враќање кон редовните сопртски активности. Со отварање на можноста на мекоткивна трансплантација со графт од починат донор, се исклучува прекасата да се земе тетива од здравата нога и со тоа значително се подобрува квалитетот на живот на пациентот.

–       Со првата употреба на мекоткивен графт на нашата клиника започнуваме со ново поглавје во реконструктивната ортопедска хирургија. Се надевам дека по оваа процедура ќе се отворат повеќе опции за употреба на мекоткивните графтови во нашата секојдневна пракса –  вели др Милена Богојевска Доксевска, болнички координатор на Клиниката за Ортопедија.

Во 2021 година во земјава се направени девет експлантации од починат донор и притоа 16 пациенти добија бубрези, петмина срце и кај осум пациенти беа трансплантирани коскени ткива. Минатата недела беше направена и првата трансплантација од починат донор годинава. Двајца пациенти добија бубрези, а кај млад пацинет беше трансплантирано срце. 

–     Мило ми е што оваа трансплантација на Клиниката за Ортопедија се случи само неколку дена по првата експлантација од починат донор  годинава, која се направи минатиот петок.  По одлуката на едно храбро семејство да ги донираат органите од својот близок, во саботата наутро беа направени три трансплантации, две на бубрези и една на срце. Би сакала уште еднаш да се заблагодарам јавно на семејството кое со својата добрина и хуманост спаси најмалку три животи. Пациентите кои добија орган се во стабилна состојба и се опоравуваат полека на Клиниката за Урологија и на Клиниката за Кардиохирургија – вели д-р Маја Мојсова Мијовска, Национален координинатор за трансплантација.