Над половина Европјани го поврзуваат тероризмот со приливот на бегалци

Сподели

thumbs_b_c_c2a8d9b75f34b37427c3dcf0a1203891

БЕРЛИН (АА) – Според мислењето на повеќе од половина Европјани, бегалската криза и опасноста од тероризмот во Европа се во голема мера поврзани, покажаа резултатите од истражувањето што вчера го објави истражувачкиот центар Пју, пренесува Anadolu Agency (AA).

Во осум од десет европски земји што учествуваа на истражувањето, половина или повеќе испитаници веруваат дека приливот на бегалци доведува до зголемување на веројатноста од тероризам во нивната земја.

Поголемиот број Европјани исто така, се загрижени дека мигрантите и бегалците ќе станат економски товар, дека ќе им ги одземат работните места и социјалните бенефиции.
Истражувањето е спроведено во периодот од април до мај, во Германија, Шведска, Холандија, Велика Британија, Франција, Шпанија, Грција, Унгарија и во Полска, земји во коишто живее 80 отсто од вкупното европско население.

Околу 76 отсто од испитаниците во Унгарија се загрижени дека бегалците ја зголемуваат веројатноста од тероризам во земјата, додека во Полска загриженост изразија 71 отсто од испитаниците. Поголемиот број испитаници од останатите земји што беа вклучени во истражувањето го делеле тоа мислење, освен државјаните на Шпанија и Франција, која беше цел на повеќе терористички напади минатата година.

Граѓаните на Унгарија и на Полска изразија поголема загриженост од другите европски земји дека бегалците ќе претставуваат товар на нивните држави бидејќи ќе им ги одземат работните места и социјалните бенефиции.

„Неодамнешниот бран на бегалци кон Европа видно ја истакна антимигрантската реторика на десничарските партии на целиот континент. Перцепцијата на бегалците е делумно под влијание на негативниот став кон муслиманите што веќе живеат во земјите на ЕУ. Во Унгарија, Италија, Полска и во Грција, шест од десет испитаници рекоа дека имаат неповолно мислење за муслиманите во својата земја“, се наведува во извештајот.

Во извештајот се спомнува дека загриженоста поради бегалците не е нужно поврзана со бројот на мигрантите што влегуваат во земјата.

Во Германија, која минатата година прими повеќе од милион барачи на азил, дури 31 отсто од испитаниците се генерално загрижени поради бегалците.

Најмоќната економија во ЕУ, како и Шведска, кои минатата година примија најголем број бегалци, се единствените земји каде што половина од испитаниците сметаат дека бегалците ја зајакнуваат нивната економија поради својот труд и талентот што го поседуваат.

Истражувањето иста така покажа дека мал број Европјани сметаат дека различноста има позитивно влијание на нивната земја.