Народен Правобранител: Препораки за листите за лицата со попреченост за претстојниот попис

Сподели

 

Народниот правобранител и членовивите на независниот мониторинг механизам кои ја мониторираат имплементацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост (КПЛП) сметаат дека пописот претставува одлична можност конечно да се идентификува бројот на лицата со попреченост, што е од особено значење за соодветно натамошно планирање на сервиси за поддршка и активности и за креирање на политики и буџети кои ќе обезбедат инклузија на лицата со попречености, а воедно е можност да се добијат податоци за степенот на учество на лицата со попреченост во нашето општество, вклучително и бариерите кои го оневозможуваат нивното учество на еднаква основа со другите.  

Народниот правобранител затоа, врз основа на забелешките што ги добиле од организациите кои се занимаваат со правата на лицата со попреченост, препорачува Државниот завод за статистика, сериозно да ги разгледа дадените забелешки, предлози и сугестии, следствено итно да направи корекција, промена, односно подобрување на содржината на Прашалниците кои ќе се користат при реализирање на Пописот, а кои ќе се однесуваат на лицата со попреченост, при што во иднина, во активностите поврзани со донесување/измена или дополнување на закон, изработка на прашалници и слични прашања кои се однесуваат на лицата со попреченост, самите лица со попреченост задолжително да бидат консултирани и активно вклучени. -Ваквата препорака има за цел унапредување на процесот на собирање на податоци, кои ќе овозможат формулирање и имплементирање политики за спроведување на КПЛП. Собирањето на релевантни податоци, кои ќе бидат соодветно расчленети, е значајно за понатамошно адекватно планирање на сервиси за поддршка, програми и активности со соодветно распределување на буџети за истите, кои треба да значат целосна вклученост на лицата со попреченост во општеството, велат од канцеларијата на Народниот правобранител. Токму затоа, додаваат, е важно Пописот да биде спроведен соодветно, со целосно почитување на човековите права и од истиот да произлезат точни податоци за бројот, демографските карактеристики и територијалната распределба на сите лица со попреченост во државата, но, воедно да се опфатат и бариерите со кои се соочуваат овие лица во остварувањето на нивните права и нивната инклузија во општеството на подеднаква основа со другите. -Граѓанските организации/здруженија, родителските организации, како и самите лица со попреченост, повикувајќи се на член 4 став 3 од КПЛП, според кој, во однос на прашања кои се однесуваат на лицата со попреченост, самите лица со попреченост треба да бидат консултирани и активно вклучени, изразија незадоволство од тоа што уште во самиот процес на изработка на пописните прашања кои се однесуваат на лицата со попреченост, не биле вклучени ниту консултирани, со што се врши непочитување и повреда на одредбите од КПЛП, а на штета на лицата со попреченост. Народниот правобранител, тргнувајќи од определеното во гореспоменатиот член побара од граѓанските организации кои се дел од независниот мониторинг механизам, да се произнесат во однос на пописните прашања кои се однесуваат на лицата со попреченост, а во продолжение детално ве запознаваме со нивните автентични ставови и сугестии, се вели во соопштението од Народниот правобранител. Оттаму истакнуваат дека според ставот на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, сетот прашања впишани во Прашалниците за попис на населението, кои се однесуваат на лицата со попреченост се премногу општи, и во нив ќе може да се пронајдат и лица кои немаат статус на лица со попреченост, со што ќе се створи неточна слика и статистичка рамка, која во никој случај нема да придонесе за добивање на основни, конкретни и прецизни статистички податоци за лицата со попреченост, преку кои институциите на државата треба да креираат политики за изедначување на можностите на лицата со попреченост на еднаква основа со другите. Овој Национален сојуз како национална и репрезентативна инвалидска организација потенцира дека при носење на одлуката за избор на сетот на прашања кои се однесуваат на лицата со попреченост не бил консултиран, ниту вклучен, што се коси со одредбите на член 4 став 3 од КПЛП. Реагирал и Националниот сојуз на глуви и наглуви на Република Северна Македонија, кој го дели мислењето на Народниот правобранител, во однос на забелешките и појаснувањата поврзани со прашањата за претстојниот попис, а кои се однесуваат на лицата со попреченост, и следствено сметаат дека Државниот завод за статистика треба да ги прифати дадените забелешки, со што ќе се придонесе за подобрување на содржината на Прашалниците кои треба да се користат при реализирање на планираната статистичка операција. -Претставници на Националниот сојуз на слепи и слабовидни на Република Северна Македонија го поддржуваат ставот дека е потребно итно да се промени сетот на прашања кои се однесуваат на попреченоста, од причина што истите се различни од Вашингтонската група на прашања, во спротивно укажуваат дека нема да се добие реална слика за бројот на лица со попреченост во државата. Исто така, сметаат дека прашањата се многу општи, а на начинот на кој се формулирани може да се препознае и секое сечулно лице, што би довело до многу повисока бројка од реалната. Во врска со ова, сметаат дека попишувачите треба да бидат добро обучени за да може да препознаат кое лице ќе го попишат како лице со попреченост, и воедно забележуваат дека и за време на самиот попис, од аспект на лица со целосно оштетен вид, особено за оние кои живеат самостојно, особено е важно да се осигура дека лицето попишувач е навистина попишувач, како и да се осигура дека одговорите кои ќе ги даде слепото лице ќе бидат запишани онака како што искажани. Предлогот кој го давааат претставниците од Националниот сојуз на слепи и слабовидни е да има претходна најава од страна на попишувачите, за да би се осигурала нивна сигурност/безбедност, како и релевантност на дадените податоци, со цел да не се доведе под прашање веродостојноста на дадените одговори, односно дека дадените одговори од страна на слепите лица (особено оние лица кои немаат асистенти, или кои живеат сами) адекватно ќе бидат забележани, велат од Народниот правобранител. Со сличен став е и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, кој како што велат од Народниот правобранител, во целост се согласува со наодите во неговото мислење доставено до Државниот завод за статистика, особено со констатацијата дека прашањата не се доволно дискриминативни и дека недоволно прецизно ја утврдуваат попреченоста во споредба со одредени потешкотии со кои може да се соочи и општата популација, што и според оваа организација ќе доведе до нерелевантини податоци (неточен број) за лица со попреченост. -Се известува дека од нивна страна, ова прашање е актуелизирано на почетокот на 2021 година, пред Националното координативно тело (НКТ) за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост при Владата на РСМ, преку што бил направен обид да се укаже на Државниот завод за статистика за несоодветноста на постојните прашања. Меѓутоа, од страна на Државниот завод бил добиен негативен одговор односно дека подготовките за пописот се во завршна фаза и дека е доцна за промени во образецот за попис. Од Републичкиот центар ПОРАКА остануваат на ставот дека прашањата кои се однесуваат на лицата со попреченост треба да бидат соодветно адаптирани за да послужат на целта – добивање употребливи статистички податоци за креирање ефикасни политики за унапредување на правата на лицата со попреченост. Исто така информираат дека краткиот сет на прашања од Вашнгтонската група, кои впрочем и Народниот правобранител ги предложи на Државниот завод за статистика се целосно прифатени во повеќето земји во регионот, информираат од канцеларијата на Народниот правобранител. Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија, исто така во целост ги поддржува забелешките дадени од страна на Народниот правобранител, а во ист контекст се произнеле и Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското Монтесори Здружение, Македонското научно здружение за аутизам, Здружението ИНКЛУЗИВА и Националното здружение за социјална инклузија, рехабилитација и општествена интеграција на лицата со посебни потреби – СОЅВЕЗДИЕ, кои се согласуваат со забелешките на Народниот правобранител во однос на терминологијата, методологијата и прашањата за претстојниот попис кои се однесуваат на лицата со попреченост и го поддржуваат реиницирањето на барањето до Државниот завод за статистика за нивно соодветно усогласување со Вашингтонската група на прашања и КПЛП. Забелешки дале и Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА, НВО ПРКОС-Скопје, Лице со телесен инвалидитет, Здружението на граѓани „Отворете ги прозорците“, Асоцијацијата на толкувачи на македонски знаковен јазик „Гласни раце“, Здружението Полио Плус – движење против хендикеп…