Денес д-р Фатмир Меџити, Министер за здравство, присуствуваше на националната презентација на резултатите добиени од Студиите за бихевиоралните и културолошки аспекти за употребата и откажување од тутунот, како и презентација на статусот со инвестициите во тутунот во земјава.
На настанот, организиран во пресрет на “31 мај – Светски ден без тутун“, свое учество имаа д-р Ане Јохансен, специјална претставничка на СЗО во нашата земја и г-ѓа Сузана Ахмети Јањиќ, раководител на секторот за инклузивен просперитет во УНДП.
Во своето обраќање, министерот Меџити нагласи дека студии од овој тип за првпат се спроведуваат на национално ниво, кои служат за планирање на идните стратешки чекори, како и за подигнување на јавната свест во правец на зајакнувањето на националните активности за контрола на употреба на тутунот и тутунските производи. Земајќи ја предвид фактичката состојба дека употребата на тутун е меѓу главните фактори за морбидитетот и морталитетот од незаразни болести, неопходно е планирање и преземање активни мерки за намалување на консумирањето тутун и тутунски производи.
“Резултатите од направените студии покажуваат дека пушењето и употребата на тутун во нашата држава е на загрижувачки високо ниво, односно, половина од населението консумира цигари и производи од тутун, секојдневно. Во таа насока, со нашите партнери, разгледуваме креирање на нови, специфични активности во насока на поддршка на спроведувањето на Рамковната конвенција за контрола на тутунот, врз основа на ставовите на здравствените работници и на населението“ изјави д-р Фатмир Меџити, Министер за здравство.
Во рамки на денешното излагање, Министерот ја искажа благодарноста до Светската Здравствена Организација (СЗО) за континуираната поддршка во заштита на здравјето на населението и зајакнување на здравствениот систем, како и до УНДП и сите агенции на Обединетите Нации (ОН), кои неуморно работат на развој и имплементација на политики, стратегии и активности, како што е Националната развојна стратегија за следните 20 години, со цел „Никој да не биде изоставен“.