НБРМ: Од денеска во оптек новите банкноти од 200 и 2.000 денари

Сподели

Од денеска ќе бидат пуштени во оптек книжни пари во апоени од 200 и 2.000 денари, а ќе бидат повлечени банкнотите од 5.000 денари.

Народната банка на Република Македонија соопшти дека одлуката за издавање книжни пари во апоени од 200 и 2.000 денари е произлезена од реално согледаната потреба за ребалансирање на постоечката апоенска структура на книжните пари во оптек.

– Постоечката апоенска структура на книжните пари што се во оптек од 8 септември 1996 година до денес нема претрпено промени и воведувањето на овие два нови апоена претставува прва промена којашто се спроведува по период од 20 години. Ваквата одлука е донесена врз основа на истражувања и анализи на сите постоечки фактори, при што се утврди дека постојат реални потреби за воведување на двата нови апоена. Воведувањето ќе овозможи зголемување на понудата на апоените што се на располагање при вршење готовински трансакции, а како секундарен ефект се очекува урамнотежување на побарувачката за одредени деноминации, појаснува НБРМ.

Оттаму посочуваат дека книжните пари со апоенска вредност од 5.000 денари не биле прифатени од пошироката јавност заради нивната висока номинална вредност и оти била ограничена застапеноста при вршењето на готовинските трансакции и размена, првенствено во трговијата. – Нивната примена во секојдневните трансакции е незначителна, велат од НБРМ.

Истакнуваат дека потреба од книжни пари со оваа деноминација не пројавувале ниту банките и наместо нивната количина во оптек од година во година да се зголемува, таа постојано опаѓала и затоа тие ќе престанат да бидат законско средство за плаќање на 15 декември 2016 година.

Деловните банки во Република Македонија ќе ги заменуваат книжните пари со апонска вредност од 5000 денари од 15 декември 2016 година до 28 февруари 2017 година, а од 1 март 2017 година нивната замена ќе се врши од страна на Народната банка на Република Македонија.

Временскиот период од пристигнувањето на книжните пари до нивното пуштање во оптек ќе се искористи за едукација и запознавање со основните карактеристики и заштитни елементи на книжните пари на вработените во банките и другите финансиски институции. Во ова време може да се спроведат и активности за приспособување на софтверските модели на машините за обработка на книжните пари, банкоматите и останатите автоматизирани машини за самопослужување коишто работат со готовина.