Не ја бришете историјата, сочувајте ги младите да останат и да битисуваат тука – Соња.Р.Јовановска

Сподели

 

Историјата не им припаѓа исклучиво на историчарите, за само тие да одлучуваат за неа…

Проф. д-р Соња Р. Јовановска

Не припаѓам на ниту една партија, ниту пак некој член на моето семејство бил приклонет кон „едни“ или „други“, но секогаш сме биле тука сите на своевиден начин да го кажеме гласно нашето мислење и да не учествуваме во нечесни игри. Моето гласно размислување е моја одговорност како граѓанин, како научен советник, како професор, како истражувач кој над 30 години е на теренски истражувања и создава дела за културниот идентитет. Оние кои ме познаваат добро знаат дека сум Алефка, и дека универзумот ми е дом и три децении истражувам за сите култури кои живеат на овие простори…не само за мојата…

Но, не можете историјата, јазикот и сите значајни елементи на културниот идентитет да го ставете во рацете на „ЕДНА КОМИСИЈА“. Застанете малку господа – Историјата не им припаѓа само на историчарите, таа им припаѓа и на етнолозите, на антрополозите, на јазичарите, на социолозите, на географичарите, на филозофите, на археолозите, фолклористите, на етномузиколозите, на сите кои даваат различни насоки во контекст на (ре)дефинирање на поимите нација и историја во врска со идентитетот воопшто, но најважно од сè им припаѓа на сите граѓани, бидејќи тие се значајната алка на генерацискиот код кој се создавал со векови… Можеби треба да тргнете од тој факт, дека за фактите на историјата значајни императиви даваат и сите овие научни дисциплини, или поддисциплини. Но, она кое се пренесувало низ генерациите на најразлични начини, преку многубројни дела е тоа што Историјата никој не може да ја избрише, бидејќи таа го меморира и запишува секој историски факт без разлика дали некому му одговара или не, без разлика дали ве допира емотивно, политички, или пак, не е дел од мозаикот наречен „НИШТЕЊЕ“ на сè што не им одговара на оние кои решиле да (про)дадат Нешто, што не е Нивно…туку е НАШЕ!!! И сега??? До каде и до кои треба да стигнете, господа?

На моите истражувања еден од информаторите далечната 1998 година во прилепскиот регион ми рече: „Немојте ќерко да ги оживеете коските на нашите претци, бидејќи тогаш ќе ги разбудите и небото и земјата. Чувајте го тоа што го создале бидејќи многу животи се пролеани, и многу семејства се раселени за вие сега да ја живеете слободата. Пазете што правите, можете да си играте со вашиот живот, дури на некој начин да го упропастите и вашето семејство, но немој ќерко никогаш да дозволиш и да учествуваш во бришењето на историјата. Тоа е најголемиот грев на човештвото, бидејќи така сите генерации се допрени, и ако ги оживеете и мртвите – непрокопсани ќе останете за навек“…

Сите сме засегнати, сите сме одговорни, а особено оние кои придонесуваме за создавање научни дела и сме дел од научната сфера. Еволуцијата е неопходен процес за да го води човештвото кон развој, да влијае позитивно на индивидуалниот развој на личноста, но, да дозволиме во име на „нешто на некои“ да го менуваме концептот на образованието, тоа значи дека сме станале камелеони во секој поглед. Самиот збор Образование, убаво кажува, дека Образот, господа во образованието е најважен, а, вие обидете се да си го сочувате чист – вашиот образ, бидејќи ние нема да дозволиме да го извалкате нашиот образ и нема да дозволиме да си играте „еурека“ со историските факти. Знам, многумина ќе речат, историјата е релативна, но, барем во овој случај имаме многу живи сведоци за историјата која ви стана пречка на многумина за да си изнаоѓате концепти и да ја втурнувате историјата во некаков си глобален општествен концепт и да ја бришете ко предмет…

Чувајте ги концептите господа, за да ги сочувате младите да останат и да битисуваат овде, бидејќи ако ни заминат тие, на кому ќе им создавате „ваши услови“ за подобро утре… И немојте да го користете мигот на пандемијата кога луѓето се фокусирани како да останат живи, или да преживеат во секој поглед (психолошки, економски)…туку погрижете се за своите граѓани да ја вратат довербата во она што е НАШЕ, на сите – Заедништвото, и тоа со сиот тоталитет на создавање, битисување и одговорност, ама на сите и кон сите…

Проф. д-р Соња Р. Јовановска, редовен професор на Факултетот за психологија при Меѓународен Славјански Универзитет Р. Г. Державин