Недановска: Зајакнување на заштитата на потрошувачите на финансиски услуги

Сподели

„Во услови на динамичен развој на финансискиот систем и дигитализација на финансиските услуги, финансиската едукација станува сѐ попотребна за сите возрасти и за сите социјални слоеви од населението. Народната банка посветено ги извршува своите активности и подготвува едукативни материјали преку кои ги покрива сите значајни теми за да можат граѓаните да одберат финансиска услуга којашто најмногу им одговара на нивните потреби и можности“, изјави Елизaбета Недановска, директорка на Дирекцијата за заштита на потрошувачите и финансиска едукација, за утринската емисија на „Сител телевизија“.

Во текот на изминатите години Централната банка има одржано повеќе од 500 едукативни предавања за различни возрасни групи, при што се опфатени повеќе од 22.000 посетители (ученици од основното и средното образование, студенти, деца од претшколска возраст, ученици со посебни потреби, професори, наставници, како и пензионирани лица). Покрај директната комуникација со граѓаните, на интернет-страницата на Народната банка се објавени голем број едукативни содржини, како што се брошурата „Безбедност при користењето дигитални финансиски производи и услуги“, поимникот на термини од областа на економијата и финансиите, видеозаписи, како и повеќе едукативни текстови на различни теми (кредити, платежни картички, инфлација, девизен курс и други). Народната банка продолжува со подготовка на нови едукативни материјали со цел на граѓаните да им овозможи достапност на сите информации за финансиските производи и услуги.  

„Народната банка презема бројни активности за заштита на потрошувачите, особено за обезбедување поголема транспарентност на давателите на платежни услуги“, изјави Недановска, нагласувајќи дека преку „Алатката за споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежни услуги“, граѓаните може да ги споредат надоместоците според давателите на платежни услуги или според видот на услугата.