Почитта кон жртвите нѐ обврзува да бараме одговорност. Правната држава подразбира одговорност. Дваесет и два човечки животи однесени во пороите не може да се премолчат. Повторно нема одговори на клучните прашања што се случи и како загинаа луѓето во невремето, од што починаа, на кој начин, каде ги најдоа, што е причината за смртта, природна или насилна? Зошто не е направена обдукција на телата која е законски задолжителна во вакви случаи? При ваква вонредна ситуација ги заобиколија сите протоколи и законски процедури. Телата на загинатите веднаш се пренесени во капелата во Бутел, а посмртници потпишувале лекари од Итната медицинска помош.
Од Јавното обвинителство на Марко Зврлевски (послушниот заштитник на криминалците наместо нивен прогонител) ни соопштуваат дека во случајот не постоело сомнение за сторено кривично дело, па надлежен јавен обвинител не издал наредба за обдукција туку дал насока телата на починатите да се однесат во капелата во Бутел за идентификација и потоа да се предадат на семејствата за погреб. Видовме и слушнавме колку од партиското обвинителство се компентентни да кажат дали има сомненија за кривични дела и колку се подготвени да постапуваат по нивната јавнообвинителна задача. Од судска медицина пак велат дека се прекршени меѓународните протоколи за масовни несреќи, бидејќи со ваквата одлука на Јавното Обвинителство ќе биде нејасно кога и како настанала смртта. Институтот за судска медицина бил целосно оттргнат од постапката. Значи нешто „смрди“, не сме од вчера со нив, па лековерно да веруваме дека е така како што ни соопштуваат! Јасно е дека нема обдукција за да можат повторно да се извлечат од кривичната одговорност!
Манифестираат маркетинг грижа и сочувство, но не чувствуваат лична одговорност од позициите на кои се наоѓаат. Никогаш ниту можеле да чувствуваат лична одговорност затоа што некомпетентни партиски кадри се седнати во клучни државни ресори. Не знаат и ниту можат да знаат што им е должноста! Овој пат нивното незнаење, неодговорност, несовесност, негрижа, непрофесионализам, несторување… не ги враќа човечките животи и огромната материјална штета.
Затоа одговорноста мора да има име и презиме! Одговорни се Никола Груевски, кој беше премиер 9 години, сегашнава марионета Емил Димитриев и Владата со сите нејзини досегашни министри, градоначалниците Коце Трајановски, Тони Трајковски, Теута Арифи… потоа, сите нивни подредени на државно и локално ниво кои биле одговорни за управување и користење на парите од граѓаните кои се слеваат во Буџетот, а кои покажаа целосна неподготвеност да најават, превенираат и да се справат со ваква природна непогода, надлежните за урбанистичките планови, за процените на ризичноста на одредени подрачја и нивната погодност за градба, за огромниот број на бесправно и неправилно изградени објекти со мала пропусна моќ на атмосферската канализација, за запуштените дренажни канали полни со шут и отпадоци, за дозволите за сеча на шумите и каменоломите, за пошумувањата за кои се вложија огромни пари од државната каса а се невидливи, за продажбата на дрва за огрев додека полицијата бркаше дрвокрадци (се водеше и подготвуваше огромна акција, која никогаш не се реализира), за нередовното одржување на одводните канали, за издигнатите објекти и сообраќајници без пропусти и канали, за пропустите во безбедноста на обиколницата на Скопје… и што ли уште не!
И затоа МОРА кривично да одговараат НАЈМАЛКУ ЗА ТРИ КРИВИЧНИ ДЕЛА поради пропуштање на нивната службена должност за спречување на разни општопасни дејствија кои водат до предизвикување на општа опасност по луѓето и имотот од големи размери односно навреме не превзеле законски-обврзувачки мерки за превенирање и отстранување на опасноста (поплавата) или други опасности по животот на луѓето поради што се изгубени 22 човечки животи. Законот предвидел дека доколку поради стореното дело настапи смрт на едно или повеќе лица, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години.
Да потсетам, непревземањето мерки против сторителите е соучесништво во насилната смрт на настраданите граѓани!!!
(ФБ статус)