Нематеријална култура и идентитети: хрватски и македонски добра на листите на УНЕСКО

Сподели

Македонскиот КИЦ во Загреб, во соработка со најголемиот хрватски фестивал за традиционална музика и танц ,,Меѓународна смотра на фолклорот“, во рамките на официјалната програма на 59. издание на фестивалот в сабота, 19 јули, со трибина и концерти ќе го одбележи јубилејот 10 години од впишувањето на „Гласоечкото пеење Долни Полог“ на ургентната листа на УНЕСКО.

Трибината ,,Нематеријална култура и идентитети: хрватски и македонски добра на листите на УНЕСКО“ има цел промоција на македонското нематеријално културно наследството и продлабочување на хрватско-македонските релации на полето на афирмација на хрватските и македонските нематеријални добра запишани на листите на УНЕСКО. Македонскиот КИЦ во Загреб ја реализира трибината и во соработка со македонската Управа за заштита на културното наследство .

На трибината ќе учествуваат хрватски и македонски експерти за заштита на културното наследство: воведно излагање ќе има м-р Мими Ѓоргоска Илиевска, директорка на македонскиот КИЦ во Загреб; потоа Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство; д-р Мирела Хроватин од Институтот за антропологија во Загреб; м-р Ивона Опетческа Татарчевска, национален координатор за Конвенцијата 2003 за нематеријално културно наследство на УНЕСКО; како и проф. д-р Твртко Зебец, уметнички директор на „Меѓународната смотра на фолклорот“ и голем пријател и соработник на Македонија во областа на заштитата на нематеријалното културно наследство. Во рамките на трибината ќе настапат и „Трио Гавровски“ од Тетово како едни од малкутемина носители на „Гласоечкото пеење“.

Покрај трибината, во знак на одбележување на јубилејот 10 години од впишувањето на „Гласоечкото пеење“ на листата на УНЕСКО, три генерации од семејството Гавровски, заедно со Дарко Коцев – мултиталентиран инструменталист кој живее и работи во Германија, ќе имаат ексклузивни настапи на двете главни фестивалски сцени во Загреб, на плоштадот „Бан Јелачиќ“ и на култната сцена во Горен град на Грич (Градец), каде што ќе бидат претставени две нематеријални културни добра од листите на УНЕСКО – „Гласоечкото пеење“ и последното впишано добро „Гајдата“ во интеракција едно со друго.

Оваа година во рамките на фестивалската програма на 59. ,,Меѓународна смотра на фолклорот“, од Македонија ќе се претстави и фолклорната група „Копачка“ од с. Драмче, Делчево, уште едно македонско нематеријално добро впишано во УНЕСКО.