НЕПОКОРНОСТА НА МАКЕДОНСКИОТ ЖУРНАЛИЗАМ! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

ГЕОРГИ АЈАНОВСКИ: “НОВИНАРСКИ ХРОНОПИС” (2015 ГОДИНА)

Можам слободно да речам дека долгиот период на владеењето на Груевски ќе остане запаметено по воспоставувањето на целосна контрола врз медиумите и безмилосна пресметка со сите свои политички неистомисленици, како во новинарските редови, така и пошироко во општеството. Во тој период, под обвиненија за извршен криминал, беше уапсен и осуден сопственикот на независната телевизија “А1” по што згасна емитувањето на нејзиниот сигнал, а истата судбина ја доживеаа дневниот весник “Шпиц”, албанскиот “Коха” и магазинот “А-1” поради што стотина новинари и соработници останаа без работа и на улица. Исто така прекина печатењето на неделниците “Актуел” и “Глобус”, а во 2008 година, по десетгодишно излегување и нашиот дневен весник “Македонија денес”. Со исклучок на два-три медиуми (неделниците “Фокус” и “Денес” и телевизијата “Tелма”), кои што и покрај сите притисоци и јавни прозивки за нивната опозициска настроеност, успеаја да ја задржат и одбранат својата независна уредувачка политика, сите други електронски и печатени медиуми потпаднаа под влијание и диктат на власта и партијата ВМРО-ДПМНЕ.

  Преку тие таканаречени провладини медиуми, не само што отпочна хистерична кампања и пресметка со опозицијата, предводена од СДСМ, туку и со многу познати новинарски имиња и општествени активисти, прогласени за “државни непријатели” и “странски платеници”, понекогаш со отворен повик за нивен прогон и линч! Во тој поглед, особено мрачна улога одигра јавниот телевизиски сервис МРТВ, кој што фактички се претвори во партиско-пропаганден орган на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Слична улога и беше доверена и на приватната телевизија “Сител”, сопственост на лидерот на Социјалистичката партија, Љубосав Иванов-Ѕинго, коалиционен партнер и верен сојузник на Груевски, која што на чело со својот уредник Драган Павловиќ-Латас, ќе спроведе вистинска хајка против политичките опоненти на власта. Самото признание на овој уредник дека за него не се важни новинарските принципи, туку само парите што се заработуваат, како мерило на вредности и  способноста на секој поединец, означуваат една тажна епизода од развојот на македонската журналистика, познат меѓу новинарите како “латасовштина”, кој што за жал се претставува и пренесува на идните млади новинари како успешен модел и животна филозофија. 

Спектакуларните и брутални апсења на познати бизнисмени, политичари и новинари, тоталната партизација на државната и јавната администрација, потчинувањето на целокупното судство, високиот степен на корупција во врвовите на власта, ќе станат главен белег на самоволното владеење на Груевски, односно на “груевизмот”. Тоа е период кога младата македонска демократија, преку незаконит полициски упад во Парламентот, на 24 декември 2012 година, и насилното исфрлање на опозициските пратеници и присутните новинари од дебатната сала, ќе го доживее најтешкиот и најболниот удар.

Тоа е период кога на најбескруполозен начин, далеку од очите на пошироката и стручна јавност, по желба и налог на премиерот Груевски беше донесен и реализиран криминалниот и баснословно скап проект “Скопје 2014”, со кој што центарот на главниот град се преобрази во барокна архитектонска креатура и кич, пренатрупан со педесетина историски споменици, тајно градени и поставувани по полноќните часови, со цел да се одбегнат жолчните реакции на граѓаните.

Тоа е, исто така, период кога преку изнајмени историчари и археолози се трага по наводните антички корени на македонската нација и историја, со што фактички се обезличува и ништи македонскиот национален идентитет и неговите историско-културни вредности и остварувања.

Анемична и немоќна да се спротивстави на таквото авторитарно владеење на Груевски, политичката опозиција во неколку наврати ќе издејствува предвремени парламентарни избори, со кои што наместо смена на власта, ќе придонесе за нејзиното натамошно зацврстување.

Ако обрнете внимание на сите европски извештаи за состојбите во Македонија во изминатите децении, ќе забележите една константа за работењето на сите влади: застој на демократските процеси, кршење на новинарските слободи, силна партизација на државата и висок степен на корупција. Независноста на медиумите, како главен демократски индикатор, секогаш била проблематична и погазена! Моето долгогодишно новинарско искуство беше сведок на груби и свирепи атаци врз редакциите и новинарското достоинство, при што во политичките пресметки не ретко беа злоупотребени и одделни новинарски имиња, како извршители на валканите партиски игри.

Сепак, тврдам и убеден сум дека и во такви тешки околности, македонскиот журанализам одигра огромна улога во демократизацијата на општеството и во одбрана на човековите права и слободи. Посебно се радувам, што мнозинството новинари и уредници од поранешната редакција на “Нова Македонија” се најдоа на браникот на битката против авторитарните режими и нивните политички злоупотреби, често изложени на жестоки напади и бесмислени клевети. И не само тоа, некои од нив, со своите храбри и одлучни настапи против самоволното владеење, станаа предводници на граѓанскиот отпор во кршењето на стегите во кои немоќно беа и се заробени македонското општество и држава.”