Поранешниот македонски амбасадор, министер и вицепремиер Никола Димитров вчера ја промовира невладината организација „Солуција“, преку конференција со наслов: „Излез од лавиринтот на корупцијата и клиентелизмот“.
На настанот учествуваа поранешниот амбасадор на САД во земјава Филип Рикер, поранешниот премиер на Грција и лидер на ПАСОК Јоргос Папандреу и Рајнхард Прибе, кој ја предводеше групата експерти ангажирана од Европската комисија по објавувањето на „бомбите“, за да изработи анализа на ситуацијата, по што ги изготви итните реформски приоритети.
“Партиите мора да бидат натерани да бидат подобри. Надеж гледам во граѓанството кое што мора да биде гласно, мора да стане сила за да нема вака бришан простор за еднопартиско самоволие во државата. ни треба една дебела јасна линија каде завршува државата, каде почнува партијата. Мислам дека ни треба нов општествен договор за да школството, и здравството, и администрацијата не зависат од тоа кој ќе победи на избори. Ќе направиме да им е ѓаволски тешко на старата политика и на партиите разбрани како дуќани да продолжат да го парчосуваат заедничкото наше, што се вика општо добро”, порача Никола Димитров, кој ја промовираше невладината организација „Солуција“, преку конференција на тема „Излез од лавиринтот на корупцијата и клиентелизмот“.
“Солуција” е невладина организација со мисија посветена на справување со корупцијата, клиентелизмот и поларизацијата на општеството; унапредување на општествената дебата, облагородување на јавниот наратив и културата на дијалог; креирање и поддршка на конструктивни решенија во политиката, економијата, правдата, животната средина, надворешните работи, мирното решавање на меѓународните спорови; унапредување на демократијата, заштита на човековите слободи и права, почитување на достоинството на човекот и развој на либералните политики.